Македонскиот производител на здрава храна “Виталиа” од Скопје, од неодамна започна со пласман на своите производи во Саудиска Арабија, Австралија и Монголија, соопштуваат од компанијата. Со тоа бројот на извозни пазари на “Виталиа” достигна 30, и тоа најмногу во региони што не се традиционални дестинации за македонските фирми – како Блискиот Исток и Азија.
-Токму т.н. трети пазари се голем неискористен потенцијал за македонските извозници. Оттука нашиот фокус во наредниот период е проширување на извозот на тие простори – вели Искра Ветаџокоска-Муцунска, косопственик на “Виталиа”.
Таа додава дека планираат годинава да ја завршат со 50% поголем извоз во однос на лани благодарение, токму на големиот пробив на новите пазари.
“Виталиа” во своето портфолио има 220 производи под сопствен бренд и производство, а на пазарите во Австралија, Саудиска Арабија и Монголија ќе се претстави со 70 производи од сите 11 производни категории и тоа цереалии, диететика, вегетеријански производи и функционална храна.
– Редовниот настап на меѓународните саеми ни овозможи на најефикасен начин да го претставиме брендот “Виталиа” на светската сцена и да ги доближиме нашите производи до консументите ширум светот. Досегашниот успех се темели на квалитетот, иновативноста и модерниот атрактивен дизајн со кои се карактеризираат нашите продукти. Но, значителна помош во маркетирањето на македонските производи на странските пазари е токму јакнењето на брендот “Made in Macedonia”. За тоа потребна ни е поддршка од релевантните државни институции во организирање на добро осмислени и дизајнирани национални штандови, каде заеднички ќе се претстават извозните компании и ќе го зајакнат имиџот на нашата држава како извор на квалитетни продукти – истакнува Ветаџокоска-Муцунска.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Извор: www.vecer.com.mk
Датум на објава: 20.09.2012