“Винер осигурување“, дел од групацијата „Виена иншуренс груп“, е една од ретките македонски компании што може да се пофали со огромен пораст и развој во услови кога во европската и во македонската економија има рецесивен бран. Генералниот директор Зоран Нарашанов вели економската неизвесност не создава паника во компанијата, туку напротив, поради кризата кулминира фокусираноста кон развојот и експанзијата
„Винер осигурување“ минатата година ја заврши со 100.000 нови корисници. Продолжи ли трендот на зголемување на бројот на осигурениците и во првите шест месеци од годинава?
– Минатата, 2011 година, ќе ја паметиме по многу убави нешта. Покрај фактот што се стекнавме со многу нови осигуреници, воедно драматично го зголемивме пазарниот удел и годината ја завршивме со пораст од 41 отсто. Мошне битно е што 2011 година дефинитивно потврди дека „Винер“ цврсто чекори по патот на континуиран пораст и развој. Затоа, резултатите од првата половина на оваа деловна година не ни дојдоа како изненадување, иако толкав енормен обем на успехот ни самите ние, кои сме во центарот на работите, не планиравме. Зборуваме за рекордно полугодие, со полисирана премија (приход) од 400 милиони денари, и за импресивни 330 отсто зголемен профит во првото тримесечје споредено со веќе одличното минатогодишно. Така што, кога станува збор за порастот на „Винер“, зборот „тренд“ е само еден од можните начини да се опише темелната стратегија на одржлив континуиран пораст и развој.
По приклучувањето кон групацијата „Виена иншуренс груп“, вашата компанија имаше значителен пробив на македонскиот осигурителен пазар. Што научивте од Австријците?
– Да се има зад себе еден таков моќен бренд како што е „Виена иншуренс груп“ (ВИГ), еден гигант во осигурувањето со импресивно искуство и 9 милијарди евра приход на годишно ниво, е непроценливо. Деловната филозофија, напредните процеси, интелигентните решенија и пред сѐ супериорното реосигурување, кои ги промовираме на домашниот пазар како дел од ВИГ, се онаа есенција што ни го дава шмекот на најатрактивна компанија на пазарот. И знаете, токму поради ова многумина велат „лесно им е ним“, но не го знаат оној дел од приказната исполнет со „пот, крв и солзи“. Прво морате да создадете една високопрофесионална средина, која покажува импресивен потенцијал за да привлечете една таква инвестиција, и во моментот кога ќе ви биде укажана довербата, вие мора да го извадите целиот тој потенцијал на виделина за да ги синхронизирате деловните стратегии и принципи со најстрогите постојни во бизнисот. Така што мојот одговор би бил – во тој процес повеќе и поважно научивме за нас самите одошто од нив и за нив. Научивме дека Македонија има потенцијал да одговори на најстрогите деловни норми и да понуди одличен човечки капитал и за најпребирливите. Научивме и покажавме дека можеме и умееме, и продолживме да го вложуваме сиот наш човечки, професионален и етички капацитет за одново и одново да го докажеме тоа – првенствено на нашите ценети клиенти, кои се нашиот најважен оценувач.
За каков вид осигурување се интересираат македонските граѓани и компании?
– На домашниот осигурителен пазар сѐ уште доминира задолжителното осигурување, односно оној тип осигурувања за кои граѓаните се законски обврзани да ги имаат. Преостанатиот дел од пазарот бавно се придвижува. Тоа е затоа што информираноста и свеста за неопходноста од квалитетно осигурување се на релативно ниско ниво. Но тоа не е вина на граѓаните, тоа е проблем околу кој мора да се обединат сите фактори што се поврзани со осигурувањето и да работат на константна и активна едукација. Оние доволно информираните без задршка покажуваат интерес за сите типови осигурување што ќе им ги направат животот и иднината побезбедни – домаќинско осигурување, осигурување од професионална одговорност, а во последно време и животно осигурување. Доволен показател за последново беше фактот што, под влијание на добрите резултати на „Винер“ и по детална анализа на пазарот, ВИГ се одлучи да отвори компанија за животно осигурување – „Винер лајф“, која веќе мошне активно одговара на зголемениот интерес на македонските граѓани за овој тип осигурување. Така што продолжуваме да ја шириме клучната порака – сигурноста никој не може да ви ја гарантира, но ние можеме да ви помогнеме да се чувствувате сигурно.
Дали како компанија нудите специфични услуги за осигурување по кои се разликувате од конкуренцијата?
– Специфичноста на услугите кај нас претставува всушност беспрекорноста на услугите за нашите клиенти. Тоа е нешто што е постојано во нашиот фокус и континуирано се трудиме да ги унапредиме постојните услуги, бидејќи во целата трка по иновации компаниите многу лесно ја забораваат наједноставната, но најважната работа: најдобрата услуга за клиентот е кога го работиме она што знаеме да го работиме најдобро што умееме. Брза услуга, супериорна постпродажна услуга, ефикасно решавање штети, транспарентност на осигурителното покритие, изненадувања за секој клиент како знак на благодарност што ни ја доверил сопствената сигурност, тоа се нашите услуги, кои се специфични и кон кои постојано тежнееме. Ова е мошне интересен пазарен процес – основните услуги, кои по природа на нештата му припаѓаат на потрошувачот, ги претворивме во своевиден ВИП-третман. Ние самите се наоѓаме затекнати, кога ќе се соочиме со сите љубезности и пофалби од некој клиент за добро завршена работа, која нам ни е задолжителна обврска кон него.
Со групација како ВИГ зад нас, не постои осигурување за кое не можеме да понудиме најконкурентен производ на пазарот, но директниот контакт со клиентот, директната услуга – тоа е нешто што зависи директно и единствено од нас.
Македонските граѓани во минатото немаа навика да го осигуруваат својот недвижен имот. Се менуваат ли навиките?
– Повторно, клучот е во наши раце, во раце на сите фактори поврзани со осигурителниот бизнис. Време е да се направи еден поширок фронт, кој ќе работи на тоа, но не заради ширење на пазарот, туку првенствено затоа што тоа ни е обврска. Време е сите да го дознаат она што ние и, за жал, оние што го осетиле на сопствена кожа го знаат – сигурноста на човекот, на неговите најблиски, на сето она што макотрпно го создавал со години едноставно не трпи импровизација. Но тоа не значи и потрага по поширок пазар по секоја цена, зашто клучот е во создавање поквалитетен пазар. Ние како компанија постојано трагаме по квалитет, инвестираме во него, инвестираме во креирање критична маса, која знае зошто треба да се осигури и знае точно што бара од осигурителниот продукт и осигурителната компанија. Доказ за тоа се волуменот и структурата на премијата на „Винер осигурување“, која покажува дека вистинските клиенти го избираат токму „Винер“.
Подготвувате ли нови осигурителни услуги?
– Во моментов, со измените во законската регулатива, осигурувањето од професионална одговорност стана задолжително за многу професии и таа листа секојдневно се проширува. Ова всушност значи дека сите нотари, адвокати, сметководители, доктори, ревизори, проценители, геодети и професионалци од други области, се или ќе бидат обврзани да се осигурат од ненамерните грешки што можат да им се случат во текот на работењето и кои можат да имаат последици по околината. Тоа е нешто што одамна функционира на Запад, така што ние во „Винер“ подготвено ги дочекавме овие измени и веќе имавме подготвено соодветни пакети за секоја професија, кои се најквалитетни и најевтини на пазарот. Сето ова е во комбинација со новата програма за лојалност на клиенти на „Винер осигурување“, која предвидува нашите клиенти за секое склучено осигурување да добијат бенефиции за преостанатите полиси за осигурување. А кога сме кај новитетите, наскоро граѓаните може да очекуваат серија пријатни изненадувања од „Винер“, преку кои уште еднаш планираме да го донесеме осигурувањето во секој дом.
Повеќе европски земји се во рецесија, а Македонија неколку квартали по ред бележи ниски или негативни стапки на економски пораст. Дали кризата влијае врз осигурителниот бизнис во земјава?
– Ние нашиот бренд го изградивме во криза и низ кризи. Успешно ги надминавме сите искушенија на тој пат и се искаливме и како поединци и како тим. Кога функционирате во услови што не зависат од вас и се плод на еден глобален, наталожен процес, за жал негативен како што е рецесијата, најдоброто што може да го направите е да продолжите да работите уште повеќе и сатисфакцијата првенствено да ја барате во фактот дека ќе излезете уште посилни и поискусни од таа битка. Во моментот кога ќе се почувствувате задоволни од сопственото залагање и залагањето на луѓето околу вас, се случува нешто чудно – сфаќате дека резултатите што сте ги постигнале се многу подобри од оние што самата рецесија ви ги наметнала како проекција.
Воедно, кога „Винер“ е во прашање, нашите деловни стандарди и двата века традиција на „Виена иншуренс груп“ во осигурувањето, како и беспрекорното реосигурително покритие, оценето со А+ според стандардите С&П, не оставаат простор нашата стабилност да биде доведена во прашање. А во нашиот бизнис стабилноста е основа на сигурноста, и тоа во време на економска криза им значи многу на граѓаните, кои очигледно одлучија дека „Винер“ е вистински избор за осигурување. Во таа смисла, секако дека во рамки на осигурителниот бизнис се почувствува влијанието од кризата, но последиците што ние директно ги осетивме беа позитивни – „Винер“ беше вистински избор кога клиентите побараа стабилност и сигурност во овие турбулентни времиња.
Какви се вашите очекувања за македонската економија во наредната година и половина?
– Научени сме да пристапуваме проактивно по однос на сите надворешни услови. Состојбата со економијата е таква каква што е, но ако се сметате себеси за сериозна компанија, тогаш морате да бидете носители на промената кон подобро. Мора да верувате во средината во која работите, да инвестирате во нејзиниот потенцијал, да им дадете шанса на младите кадри и да инвестирате во нивното усовршување, да бидете лидер во креирање интелигентни решенија, унапредени процеси и поздрава бизнис-клима. Македонскиот пазар е нашиот дом, а бизнис-средината – тоа сме ние. Затоа, најголемите очекувања ги имаме од самите себе; секоја помош е добредојдена, но нема никогаш да спиеме на тоа уво. Така што моите очекувања се за година и пол „Винер“ да прерасне во уште поголема и помоќна корпоративна средина, а со тоа македонската економија да добие уште поголем „пријателски“ простор во кој деловните процеси се одвиваат на највисоко ниво. Со други зборови, економската неизвесност не создава паника кај нас, напротив, кулминира фокусираноста кон развојот и експанзијата.
[custom_frame_center]


[/custom_frame_center]
Извор: www.novamakedonija.com.mk
Датум на објава: 01.08.2012