Закупците на зелените пазари денеска најавија дека ќе одржат протести доколку итно не се донесе законско решение за нивниот статус. Бараат Управата за јавни приходи да прекине со достава на решенија за наплата на данок, а Владата да го исполни ветувањето кое, како што тврдат, им го дала во 2008 година и да донесе закон за трговија од мал обем кој предвидувал пазарџиите да плаќаат паушален данок, но да бидат и здравствено и пензиско осигурени.
Екрем Долек, претседател на Комората на трговци, изјави дека пазарџиите не избегнуваат да и плаќаат паушален данок на државата, но, посочи, не без законско решение на нивниот статус.
Според Долек, УЈП покренала акција со која пред повеќе од месец почнала да доставува писма до пазарџиите, со кои сакала на нелегален начин да ги регистрира и да ги направи даночни обврзници по основ на персонален данок.
– Сакаме дефинтивно да се среди оваа состојба и да се платат обврските кон државата, меѓутоа сето тоа да биде поткрепено со законско решение, кое го имаме односно го постигнавме во 2008 година во договор со Владата, изјави Долак.
Тој додаде дека три години откако законот во нацрт верзија го промовирал тогашниот министер за економија Фатмир Бесими и кој требало да ги помине останатите процедури, некој го „чува“ во фиока.
– Во меѓувреме УЈП ги прекршува сите работи за коишто сме договориле во Владата и почна да праќа писма кај тезгаџиите што според нас немаат законска и правна основа. Овие писма пазарџиите низ цела држава не ги прифаќаат иако има заканувачки елементи дека ако во рок од пет дена не се јавиме сами ќе не регистрираат и ќе ни испратат решение. Нема да прифатиме ништо друго освен донесување на законот кој некој ни го држи три години сокриен во фиока, наведе Долак.
Според него, од денеска Комората почнува со организација на протестите, а во меѓувреме им оставаат време на институциите проблемот да се реши без излегување на улица. До последен момент ќе инсистираме да го избегнеме овој протест, истакна Долек.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Извор: www.telma.com.mk
Датум на објава: 04.05.2012