Странското ,,АЛО’’ Гори Посилно од Сонцето

//Странското ,,АЛО’’ Гори Посилно од Сонцето

Странското ,,АЛО’’ Гори Посилно од Сонцето

Дека користењето мобилен телефон во странство е прескапо веќе им е познато на сите што патувале преку границата и морале да се јават дома или да користат интернет. А колку ќе платите ова лето за задоволството да разговарате на мобилен од некоја морска плажа во голема мера зависи од тоа на кој оператор сте приклучени во земјата во која престојувате. Затоа, за да не се изгорите со сметката откако ќе се вратите од летниот одмор, добро внимавајте секогаш да сте приклучени на странскиот оператор кој има блиска соработка со вашиот. Само така ќе добиете пониски тарифи, инаку може да ви се случи поставување фотографии на „Фејсбук” да ве чини како да купите нов „ајфон”. Колку за споредба, во зависност од операторот на кој сте закачени, разликата на цена за еден мегабајт податоци на мобилен интернет во роаминг се движи од 180 до 980 денари.

Мобилниот оператор „Вип” за да ги заштити своите корисници кога се во странство, однапред ги има наместено нивните СИМ-картички автоматски да се закачуваат на сигналот на операторите со кои имаат партнерски договор, а со тоа и пониски договорени цени. Втора можност за пониски сметки е да се користат специјални пакетиуслуги кои ги нудат мобилните оператори, а се со поприфатливи цени за разговори и за интернет од стандардните. Така, ова лето ,,Т-мобиле” со еднократна активација од 100 денари нуди разговори за 10 денари за минута за повици кон својата мрежа и фиксните оператори и 20 денари за јавување кон претплатници на операторите „Оне” и „Вип”. На корисниците на „Оне” на располагање им се тарифите „роам лајт СМС” и „роам лајт талк” со кои добиваат текстуални пораки за 5,9 денари и повици за 24,9 денари за минута во роаминг.

Јавување со код

Разговорот од мобилен телефон од странските туристички центри со домашните може да ве изгори повеќе од сонцето. Во последниве години, кога се планира буџетот за летниот одмор во странство, покрај парите за аранжманот, нови костими за капење, реквизити за плажа или кремови за сончање, не смее да се заборави и на трошокот за телефонските разговори во роаминг, бидејќи никој не се откажува од мобилниот дури и на плажа. Според понудата на „Т-мобиле”, „Оне” и на „Вип”, во зависност од земјата во која сте на одмор и избраниот мобилен оператор, минута разговор ќе ве чини од едно до три евра. Тоа практично значи дека ако разговарате трипати во денот по две минути во текот на десетдневен одмор, за телефон ќе потрошите најмалку 60 евра. Сите македонски оператори овозможуваат поевтини роаминг – повици со внесување на кодот *123* пред бројот што го избираме. И во овој случај треба да се внимава на кој оператор сте приклучени бидејќи оваа услуга е достапна само во мрежите на оние што овозможуваат УССД роаминг. За да ја користите оваа услуга кога сте во странство прво внесете го кодот *123*, потоа националниот префикс +389, па бројот што го повикувате и на крајот притиснете „тараба” (#).

Откако ќе го направите повикот, тој ќе биде прекинат, а потоа ќе добиете СМС-известување или мобилниот ќе ви заѕвони дека врската се воспоставува. Следува повратен повик на кој треба да одговорите и да почекате додека другата страна не одговори. Повикот се наплаќа од моментот на воспоставување на врската помеѓу двете страни.

„Т-мобиле” за вакви повици од странство наплатува по 61,4 денар за минута со вклучен ДДВ. Цената на повиците од Грција е 41,3 денар. Првиот интервал на тарифирање на појдовни повици е една минута, а остатокот од разговорот се тарифира на 30 секунди. Цената на една појдовна СМСпорака зависи од државата во која се наоѓате и од операторот чии услуги ги користите. За повици кон другите мобилни мрежи цената е повисока за 5,9 денари за минута, а за повици кон меѓународни зони цената се зголемува за уште 23,6 денари за минута.

Корисниците на „Вип” за ваков тип роаминг плаќаат по 55 денари за минута ако се јавуваат од која било европска земја, освен Русија, а за повици од другиот дел на светот цената е 155 денари. Повиците кон другите домашни мрежи се за 10 денари поскапи. „Оне” за оваа услуга наплаќа по 24,9 денари за минута со ДДВ ако претплатникот врти од странство кон нивната мрежа и 39,9 денари ако се бара број на „Т-мобиле” или на „Вип”. Меѓународните повици чинат 82,6 денара за минута, односно толку ќе платите ако му се јавите од плажа во Грција на пријателот кој се одмара во некое турско летувалиште. Праќање текстуална порака чини 5,9 денари.

Пакет со услуги

Ако не користите некој пакет за роаминг услуги или повикување со внесување код, тогаш цената на повиците ќе ве чинат поскапо. И тука важи правилото да се биде добро информиран кој оператор во земјата во која престојувате дава најдобри цени.

Според споредбата на цените што се објавени на интернетстранците на операторите, на сите корисници на „Т-мобиле” им препорачуваме кога се во странство да избегнуваат да бидат во роаминг преку мрежата на „Водафон” бидејќи во тој случај цените за разговор се речиси двојно поскапи, а за мобилен интернет дури десетпати. Така, ако македонски корисник на „Т-мобиле”, кој престојува во Грција или во Турција се јавува од тамошната мрежа на „Водафон”, тогаш тоа ќе го чини 149 денари за минута, за разлика од „Космоте” со цена од 79 денари за минута и „Винд”, чија тарифа е 89 денари. За сурфање со мобилен, разликата е уште подрастична. Преку фчки „Космоте” еден мегабајт интернет чини 120 денари, а прекутамошниот „Водафон” за истото количество податоци ќе платите фантастични 980 денари.

Ист е односот на цената за интернет и во Турција, а да се разговара е најповолно преку мрежите на „Турксел” и „Авеа” (89ден/мин). Корисниците на нашиот најголем оператор за разговори од хрватскиот и од црногорскиот брег ќе платат од 79 до 149 денари за минута, при што најповолно е да се избира сестринската „Т-мобиле” мрежа. Во Албанија најдобра цена нуди операторот АМЦ (79ден/мин), а преку мрежите на „Егл мобајл” и „Водафон” цената е 149 денари.

Повиците од Бугарија и од Србија чинат од 89 до 149 денари, зависно од операторот, а јавување од плажите во Тунис или во Шпанија 149 денари за минута. Испраќање на СМС од сите овие локации чини 16 до 20 денари, а примен повик се наплаќа од 33 до 54 денари. Од „Оне” нудат различни цени за роаминг во зависност од земјата и од операторот.

Повик од грчкото крајбрежје, преку „Космоте” чини 83 денари за минута, преку „Водафон” 95, а „Винд” наплаќа 70 денари. Нешто поскапи се повиците од Турција  99 денари преку „Турксел” и „Авеа” и 166 денари од мрежата на „Водафон”. За Хрватска важат следниве тарифи  79 денари за „Вип – нет” и „Т-мобиле” и 75 денари за „Теле2″. Од албанските оператори, „Егл мобајл” наплаќа 47 денари, АМЦ 65, а „Водафон” 65 денари. Цените за јавување од Бугарија се движат од 108 до 149 денари, а од Србија од 134 до 170 денари. Повик од медитеранските брегови на Тунис и на Шпанија ќе ве чини 183, односно 109 денари за минута. Од најголем број н земји испратена СМС чини околу 20 денари, освен одТунис од каде што ќе би биде наплатено 41 денар. Доколку примите повик во Албанија,Трција, Бугарија, Србија и во Црна Гора, тогаш сметката ќе ви се зголеми за 19 денари за минута разговор. Оваа цена во Турција изнесува 23 денари, а во Хрватска 34 денари. Најскап е повикот примен во Тунис и во Шпанија  44 денари.

Најмладиот оператор „Вип” за повици од омилените туристички места на македонските граѓани воТурција, Грција, Албанија, Бугарија, Хрватска, Шпанија и во Црна Гора нуди изедначени цени во зависност од тоа дали сте приклучени на мрежата на нивен златен или сребрен партнер. За корисниците на „Вип” е најдобро во земјата во која престојуваат да ја бараат мрежата на нивниот главен партнер „Водафон” за да добијат најповолни тарифи. Така цената за разговори преку златните партнери на „Вип” во сите овие земји изнесува 64 денари за минута, а преку другите оператори 100 денари. Повиците од Тунис чинат 212 денари за минута. Испратените СМСпораки во роаминг „Вип” ги наплаќа по 14 денари, а примен повик во странство чини 29 денари за минута.

Испраќаме СМС за да заштедиме

Македонските граѓани кога се во странство не се јавуваат многу дома. Поевтино им е да пишуваат пораки, покажува анализата на Агенцијата за електронски комуникации за 2008 и 2009 година.

Наместо роамингразговори кога патуваат во странство околу 45 отсто од македонските граѓани испраќаат СМС-пораки за да заштедат. Од нив, 19 отсто употребуваат СИМ-картичка од земјата во која престојуваат. Според извештајот на агенцијата, во вкупниот удел на пазарот, на „Т-мобиле” отпаѓаат 70 отсто од роамингразговорите, „Оне” учествува со 21 отсто и „Вип” со 9 отсто. Странските гости речиси воопшто не ги користат домашните мрежи. Помалку од 1 отсто од нив се поврзуваат на некоја од трите мрежи.

Апликација за најевтини роаминг повици и СМС

„Т-мобиле” на корисниците на паметни телефони им нуди бесплатна апликација со која се олеснува повикувањето и праќањето СМС од странство без внесување на префиксот *123* пред бројот кој го повикуваш, како и да праќаш СМС-пораки за 6 денари.

По активирањето на апликацијата, за повици кон Македонија по тарифите за „Најевтин роаминг”, може да се избира директно бројот од именикот на телефонот без национален префикс. Потоа на екранот од мобилниот ќе се појави порака Повикување со * 123*”, по што се добива повратен повик со сопствениот број на екранот од мобилниот. За да се разговара треба само да се прифати повикот.

Со користење на апликацијата сите повици кон Македонија се наплаќаат по тарифите за најевтин роаминг или, пак, по цените за летната роаминг промоција, ако е активирана, а сите СМС пораки се наплаќаат по промотивна цена од 6 денари со ДДВ. Промотивниот период за СМС пораките е до 30 септември.

[custom_frame_center]Странското ,,ало’’ Гори Посилно од Сонцето[/custom_frame_center]

Превземено: Дневник Додаток – Роаминг

Датум на објавата: 11.06.2012

Автор: Марјан Блажевски

By | 2012-06-11T07:30:31+00:00 11/06/2012|Телекомуникации|