Уплаќаат за Луксуз, Летуваат во Ќумез

//Уплаќаат за Луксуз, Летуваат во Ќумез

Уплаќаат за Луксуз, Летуваат во Ќумез

Уплатиле за летување во луксузен хотел на самата плажа, а добиле сместување во соба со просечна категоризација на еден километар од морскиот брег. На други, платениот десетдневен годишен одмор во странство им се скусил за еден ден бидејќи туристичката агенција само тогаш имала превоз за назад. Ова се едни од најчестите поплаки од граѓаните што секое лето ги добива Организацијата на потрошувачите (ОПМ), а се однесуваат на домашните агенции.

Иако туристите честопати имаат забелешки за работењето на агенциите, обвинувајќи ги дека не им ги обезбедиле условите што им ги ветиле и за кои платиле, ретко пријавуваат кај надлежните институции. Почесто се јавуваат да се жалат во медиумите или го истураат својот бес врз вработените во агенциите. Од почетокот на летната претсезона до ОПМ пристигнале пет пријави од незадоволни туристи. Државниот пазарен инспекторат, пак, од почетокот на годинава добил 15 претставки за работењето на туристичките агенции, што, споредено со бројките од минатогодишните искуства, е мал број.

Повеќето од граѓаните што се жалат во ОПМ најчесто бараат агенциите да им вратат дел од парите поради пониска категоризација на сместгувањето, неквалитетниот превоз, помалку денови на престој од платеното и откажување на патувањето во последен момент од страна на агенцијата.

За да може да бидат обесштетени, граѓаните треба да поднесат приговор до туристичката агенција во рок од осум дена по завршувањето на аранжманот. Во него треба да наведат кој дел од договорот не е испочитуван и колкава рефундација на парите бараат. Доколку тоа не вроди со плод, следен чекор е да поднесат пријава до Државниот пазарен инспекторат, кој ќе постапи по неа. Крајна фаза е поведување судска постапка за надомест на штета  објаснуваат од ОПМ.

Туристичките работници се согласуваат дека одредени нивни колеги ги мамат граѓаните, но напоменуваат дека во тие случаи најчесто станува збор за нелиценцирани туристички агенции. Затоа апелираат граѓаните пред да склучат договор со некоја агенција да се осигураат дека таа поседува валидна лиценца.

Пазарната инспекција потенцира дека ако граѓаните што уплатиле аранжман сметаат дека се оштетени, имаат право да бараат обесштетување или преку поднесување претставка во Инспекторатот или преку надлежен суд. Доколку инспекторите утврдат дека туристичката агенција навистина ги прекршила потрошувачките права на клиентот, пазарните инспектори и даваат рок од пет дена да постапи според договореното со потрошувачот. Ако агенцијата не го стори тоа, ќе добие забрана за вршење дејност, а против неа ќе се поведе и прекршочна постапка.

Искуството покажува дека во над 90 отсто од случаите туристичките агенции постапуваат по укажувањата на Инспекторот. Не е ретка појава да имаме претставки кога корисниците на услугите не се во право, односно воопшто не го прочитале договорот што го потпишале  вели Елизабета Чингаровска, директорка на Државниот пазарен инспекторат.

Според неа, ваквите претставки се однесуваат на откажување на аранжманите од страна на граѓаните, најчесто неколку дена пред тргнување.

Во договорите јасно треба да е пропишано во кој случаи, под кои услови и во кој рок може да се откаже аранжманот од страна на давателот и корисникот на услугите објаснува Чингаровска.

Во изминатите два месеца инспекторите го провериле работењето на 247 агенции. Кај 24 од нив утврдиле неправилности, а биле затворени седум.

Читајте го договорот и чувајте ги фискалните

За да може да добијат отштета, незадоволните туристи мора пред надлежните институции да приложат докази, како што се потпишан договор со агенцијата, фискални сметки, фотографии и сл. Најважно е граѓаните пред да го уплатат аранжманот, внимателно да го прочитаат договорот и да ги видат условите наведени во него, како и да бараат да го добијат потпишаниот договор во писмена форма. Во него мора да е наведена дестинацијата, видот на услугата и превозот, име и категорија на сместувачкиот објект, датум и време на поаѓање и враќање, како и условите под кои може да се откаже аранжманот.

[custom_frame_center]Уплаќаат за Луксуз, Летуваат во Ќумез[/custom_frame_center]

Превземено: Дневник

Датум на објавата: 09.07.2012

Автор: Даница Тунтевска Вујовиќ

By | 2012-07-09T07:53:17+00:00 09/07/2012|Туризам|