Новоизградени станови, на убави локации, а зјаат празни. Во услови на продолжена економска криза и тешко достапни станбени кредити, годинава има се помалку купувачи на станови. Според грубите пресметки на агенциите за недвижности, побарувачката годинава е намалена за над 20 отсто. Се продаваат единствено тие со помала квадратура, во нови згради со комплетно средена документација.
Цените паѓаат бавно, но побарувачката значајно се намалува. Практично, има застој на пазарот, кој почна во април годинава, но сега кулминира вели Бобан Митровски од агенцијата за недвижности „Асторија”.
Според него, клучна причина за слабиот интерес не се високите цени, особено во метрополата, туку кризата и значајно намалената куповна моќ на граѓаните. Митровски вели дека сега, во услови на пад на цените на становите, реално се отсликуваат главните индикатори за нивната купопродажба во земјава.
Може да се купи стан во главниот град, на одлична локација и за 950 евра за квадрат, што порано беше како џек пот, а сега нема интерес. Но разбирливо, ако некој нема пари, навистина нема, па разликата од неколку илјади евра не е пресудна. Друга многу значајна причина е банкарскиот пристап при одобрување на станбените кредити. Тие практично се недостапни зашто банкарите бараат високи обезбедувања и големи месечни примања вели Митровски.
Трендот на стагнација на пазарот на недвижности не е изолиран случај само за Македонија. Застој има секаде во регионот, каде што сепак има и подрастично намалување на цените.
Од Комората на градежници при Сојузот на стопански комори потврдуваат дека сега на пазарот има сериозен дисбаланс голема понуда на станови, слаба побарувачка.
Се продаваат, иако многу помалку од лани, само помалите станови до 65 квадратни метри. Во време на ограничени домашни буџети поради прелевањето на кризата од Европа, дури и тие што имаат повеќе пари се воздржуваат од купување. Ја потиснуваат потребата за стан. Од друга страна, познато е правилото дека кога нешто поевтинува, никој не го купува вели Сеад Кочан, претседател на Комората на градежници.
Тој тврди таа ситуацијава ги погодува градежните компании, а лошо се одразува и врз вкупната економска слика во земјата.
Некои од градежниците што ги консултиравме велат дека забавува побарувачката, но дека во главниот град се уште нема драстични промени. Од „Адора инженеринг” велат дека кај граѓаните во Скопје стандардно има интерес за нови станови.
Компанијата успеала речиси да ги распродаде новите објекти, а некои од сопствениците стасале до нов стан преку проектот „Купи куќа, купи стан”, поради што „Адора” ги намали цените на квадратот на 900 евра за становите во скопската населба Ново Лисиче.
Според последните податоци на консултантската компанија „Фортон МКА”, за 18 проценти се намалени трансакциите со станбени единици во 2011 година споредено со 2009 година. Првичните сознанија за пазарот годинава се дека се уште има многу поголема понуда, а слаба побарувачка, велат од компанијата. Најмалку се купувале ексклузивните станови, а дури 87 проценти од продадените се со големина до 67 квадратни метри.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Дневник
Датум на објавата: 09.11.2012
Автор: Александра Томиќ