За разлика од целиот регион и Европа каде заради должничката криза се намали побарувачката, а со тоа и цените на метар квадратен, во Скопје ништо не се менува, пишува економски.мк.
Поради намалената побарувачка, цените во регионот паднаа. Стан во Белград чини од 1 600 до 1 800 евра за метар квадратен, исто колку на ексклузивните локации во Скопје.
Цените во Србија од 2008 година досега се паднати меѓу 30 и 40% во зависност од локацијата. Стан што тогаш се продавал за 100.000 евра, сега може да се најде и за 70.000. Просечната цена во Белград падна од 1500 на 1250 евра за квадрат. Во Хрватска пак, цените на недвижностите во однос на времето пред кризата бележат пад од 13,2%, на Јадранот падот е дури и поголем и изнесува над 15% на годишно ниво. Во моментов просечната цена на метар квадратен во Загреб изнесува околу 1700 евра или околу 500 евра помалку од лани, пренесува економски.мк.
Според реномираната агенција Глобал Пропертис, во Софија метар квадратен чини во просек 886 евра и е пониска за околу 40 отсто од највисоката вредност која беше достигната пред кризата.
Цените на становите паднаа и во Словенија и Црна Гора.
Во рамките на Европската унија најголем пад на цените во рамки на ЕУ има на становите во Ирска околу 17 отсто, во Шпанија 12,5, Грција 12 отсто и во Португалија 11проценти. Цените на становите во земјава се намалиле за 1,8 отсто на квартална основа или околу 3 отсто на годишна основа, велат статистиките на Народна банка. Централната банка очекува дека трендот на намалување на цените ќе продолжи, но не со интензитет како во земјите во регионот.
Во вториот квартал од годинава изградени се двојно повеќе станови во однос на првиот квартал, а побарувачката се намалува.
НБРМ бележи пад на одобрените станбени кредити и на квартална и на годишна основа.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Вечер
Датум на објавата: 26.11.2012