Помалку од половината од фирмите на своите купувачи им овозможуваат нивните производи да ги видат на интернетт, а само 7,6% и да ги нарачаат од дома, додека со Владата речиси сите се онлајн.[custom_frame_right]
[/custom_frame_right]
Повеќе од половината од купувачите прво го погледнуваат новиот производ на интернет, а потоа го бараат во продавница. Фирмите, пак, не ги следат современите навики на купувачите и од недефинирани причини ја игнорираат важноста на потребата за креирање на сопствена веб-страница.
Помалку од половината, или 48,2%, од фирмите со повеќе од десет вработени, според податоците на Државниот завод за статистика ДЗС, на почетокот на годинава имале сопствена веб-страница, а само 7,6% од нив овозможиле онлајн нарачки преку неа. Само 32,8% вршеле електронска размена на информации со добавувачите или купувачите во синџирот на снабдување.
Според луѓето од бизнисот и покрај овие бројки користењето на предностите што ги дава интернетот секоја година се во пораст. Македонија ги следи трендовите, смета Стефан Трајановски, директор на Медиа солушнс.
– Малите фирми, сепак, повеќе ја гледаат својата оператива, а не интернетот како средство кое ќе им помогне понатаму да се развиваат и да добиваат нови клиенти. Малиот број страници се должи на тоа што интернетот бара сопствено вложување, како и секој нов сегмент на ширење. Но, тој број расте и се надевам дека во иднина уште повеќе ќе се зголемува. Мислам дека одиме во правилна насока – вели Трајановски.
Во Македонија се регистрирани над 23.000 домејни, а колкав е бројот на реалните веб страници нема податоци, бидејќи секоја година се отвораат нови. Фирмите што ги немаат, оценува Трајановски, губат многу. Најголемата загуба е немањето нов начин на претставување.
– Веб-страницата е всушност една онлајн канцеларија, преку која луѓето можат да се информираат. Според истражувањата и статистиките што ние ги правиме, речиси секогаш пред купување на некој нов производ се пребарува на интернет. Околу 60% од купувачите прво пребаруваат на интернет, па го бараат во продавница. Ако трговците го земат предвид тој факт, ќе видат дека веб-страницата ќе им го зголеми бизнисот – објаснува Трајановски.
Неотворање сопствена страница поради новиот трошок што треба да се направи, е погрешна причина, зашто вложувањето е еднократно, а може да го подигне бизнисот.
– Мислам дека луѓето се неинформирани за цената на изработка на веб-страница. Има различни цени, во зависност од потребите на клиентите. Може да се изработи само за 100 евра, а има и такви кои чинат над 2.500 евра. Доколку се вклучи онлајн продавање и други функции, цената е поголема. Меѓутоа, таа инвестиција е еднократна – вели Трајановски.
Ако во комуникација со клиентите фирмите не го користат многу интернетот, тогаш во релациите со Владата одат до максимум. Лани дури 84% од фирмите со над 10 вработени употребиле интернет за комуникација со Владата, додека пак најголемите компании со над 250 вработени достигнале ниво од 97,8%. Над 74% од фирмите информациите од Владата ги добивале преку интернет, а 75,8% на ист начин подигнале формулари. Близу 40% електронски ги вратиле пополнетите формулари, 26,7% пријавиле ДДВ, а 27% поднеле пријави за социјални давачки. За пристап до тендерски документи интернетот го користеле 36,7% од фирмите. Ова се должи на владините политики за олеснување на комуникацијата со фирмите. Сите информации за услугите што ги дава може да се прочитаат на интернет, граѓаните имаат можност, ако сакаат, годишната даночна пријава да ја поднесат електронски, а со одредена динамика пријавувањето на даноците на тој начин ќе стане задолжително за сите фирми. Обврската да се прилагодат на електронско пријавување на ДДВ најголемите обврзници ја имаат до крајот на овој месец. Ако не го сторат тоа, ќе се смета дека не платиле данок и ќе бидат казнети. До средината на наредната година електронското пријавување ДДВ ќе биде задолжително и за другите обврзници. И за учество на тендерите неопходни се компјутер и интернет.
– Владата многу помага во тој сегмент, Преку тие он-лајн трансакции на кои обврзува, се повеќе ја наметнува културата на он-лајн тргување. Тоа е еден позитивен импулс. За поздравување е и проектот за отворање 30 е-продавници – вели директорот на Медиа солушнс.
Сепак, според ДЗС, 8% од фирмите се уште му даваат отпор на модерното време. Тие немаат ни компјутер. Дури 2% од претпријатијата со над 250 вработени работат рачно, а од вкупниот број фирми во државата, 12% се без пристап до интернет.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: www.vecer.com.mk
Датум на објавата: 20.12.2012
Автор: Светлана Вукчевиќ