Десет тобогани, базен за деца, базен со бранови, мрзлива река, ресторан, кафе бар, соблекувални. Вака ќе изгледа долгонајавуваниот аквапарк во рамки на Спортскиот центар „Борис Трајковски” чиј камен – темелник беше поставен викендов. Најновата забавна содржина од ваков тип, прва во Скопје ќе биде распослана на површина од 12.000 квадратни метри вредна околу 4 милиони евра. Се очекува вратите на аквапаркот да бидат отворени за четири месеци.
„Иако е светска економска криза и време кога се крати на трошоци, успеавме да обезбедиме средства за изградбата на оваа капитална инвестиција, која не е луксуз, туку има повеќе позитивни аспекти меѓу кои и фактот дека во неговата изградба ќе бидат вклучени над 200 работници и голем број компании кои ќе имаат пласман на своите производи. Најважно од се е рекреативната форма на ова јавно добро кое е достапно во летната сезона кога децата се на распуст и кое ќе претставува социолошка бариера во ова време на пороци во форма на рекреација и забава” истакна, меѓу другото, Ратко Капушевски, директор на СЦ Борис Трајковски.
Тој најави дека комплексот ќе биде изграден по најсовремени стандарди за содржини од ваков тип. Аквапаркот е проект на фирмата „Темон” а ќе го гради компанијата „Полин” од Турција, која досега изградила над 2. 000 аквапарка низ светот. Во изградбата ќе бидат вклучени и „Жикол” од Струмица и „Електроунион” од Скопје.
„На ова место, непосредно до Спортскиот центар Борис Трајковски за неколку месеци ќе биде изграден уште еден уникатен објект за забава и релаксација со културни, трговски, едукативни и спортски содржини. Аквапаркот ќе претставува вистинска атракција за жителите на Карпош и на Скопје, но и пошироко за сите домашни и странски туристи” рече премиерот Никола Груевски на почетокот на изградбата на аквапаркот.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Утрински Весник
Датум на објавата: 08.02.2013