Жените секојдневно користат козметички производи и средства за лична хигиена што содржат материи, кои, пак, кај голем број од нив можат да предизвикаат сериозна алергија. Овој проблем кај жените е се почест во последнава деценија поради се поголемиот избор на вакви препарати. Алергиската реакција на т.н. тиомерсал, кој е составен дел од голем дел производи, е причина се повеќе жени да побараат лекарска помош.
Алергијата е, всушност, реакција на имунолошкиот систем, кој може лошо да реагира на одредени материи бидејќи во нив препознава потенцијална опасност. Нашиот имунолошки систем не е совршен, поради тоа и во одредени ситуации може да се случи при контакт со која било материја да настане алергиска реакција. Тиомерсалот во медицинската литература се наведува како петти по ред аларген, според зачестеноста на алергиските реакции.
Живата демнее од козметичките препарати
Тиомерсалот е органска материја што содржи жива и тиосалицилат. Тоа е антисептично средство со изразено бактериско и фунгицидно својство и се додава на средствата за хигиена уште од 1930 година. Се користи како конзерванс во фармацевтските препарати за локална намена, а го има и во козметичките производи, но и во биолошките препарати, како што се вакцините.
Во секојдневниот живот тиомерсалот го сретнуваме во козметичките препарати како што се средствата за отстранување шминка, средствата за хидратација и за нега на лицето, особено на кожата во делот околу очите, во офталмолошките раствори, сенките за очи и во маскарите.
Тиомерсалот го има и во фармацевтските производи и во производите за хигиена, како што се средствата за чистење, кои не содржат сапун, растворите за контактни леќи, антисептичните дезодоранси. Тој е составен дел и на биолошките продукти како вакцините, особено поливалентните вакцини, но го има и во имуноглобулините, во алергенитеза кожно тестирање, во лековите за парентерална употреба, како и во капките и во спрејовите за уши, нос и за грло.
Кожата реагира прва
Истражувањата покажуваат дека најголем број од луѓето што се алергични на тиомерсал ја немаат истата алергиска реакција доколку тиомерсалот им се вшприца под кожа. Инаку, и реакциите на тиомерсалот во вакцините не се сметаат за контраиндикација за натамошна вакцинација со вакцини што ја содржат оваа органска материја. Но, секако, сериозна анафилактичка алергиска реакција на која било вакцина претставува контраиндикација за натамошна вакцинација.
Што се однесува на симптомите што се појавуваат како алергиска реакција, важно е да се нагласи дека секој реагира на различен начин на различните алергени.
Реакциите можат да бидат благи, но, исто така, можат да бидат и смртоносни. Најчесто се јавуваат како локализирани реакции на кожата, кои се манифестираат како надворешни промени, пред се, поради малата можност за биоакомулација на тиомерсалот во организмот.
Алергиекиот контактен дерматит, или познато како црвенило проследено со јадеж, е најчеста реакција што се појавува кај почувствителните лица. Може да се појави и црвенило, кожата може да отече на местото каде што е вшприцан препаратот што содржи тиомерсал. Најголем делод овие реакции се благи и поминуваат без да има потреба од интервенција. Реакциите можат да бидат предизвикани и од живата и од тиосалицилатот, па затоа за лекарите понекогаш е тешко да одредат кој е причинителот на алергијата.
Чешање, болка и отоци
Тиомерсалот може да предизвика и периферна невропатија, парестезија, чешање, па и болка, отекување, лупење на кожата, потење, тахикардија, хипертензија, опаѓање на косата, на забите и на ноктите кај децата. Од посериозните симптоми познати се проблеми со бубрезите и невропсихијатриски симптоми, како емоционална лабилност, губење на помнењето и несоница.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Здравје (додаток на Фокус дневен)
Датум на објавата: 12.03.2012