Големите Банки Покажаа кој е Навистина Голем

//Големите Банки Покажаа кој е Навистина Голем

Големите Банки Покажаа кој е Навистина Голем

Не им оди толку добро на другите банки  во првите три квартали од 2011 вкупните профити во банкарскиот сектор паднале за дури 73 отсто.

Покажуваат ли големите банки кој е навистина голем на банкарската сцена во земјава? Добивките во клубот на моќната банкарска елита за минатата година се одлични, без разлика дали имаат раст или извесно намалување во споредба со претходната година.

И додека на големите добро им оди, со таква квалификација кога е во поглед профитабилноста, не може да се пофали целиот банкарски сектор. Според последните податоци на Народна банка на Македонија, во првите три квартали од 2011 вкупните профити на нашите банки паднале за дури 73 проценти, а главните причини се лоцираат кај дел од средните банки.

Деновиве пријатно изненадување беше објавувањето на финансискиот извештај на НЛБ Тутунска банка, кој покажа дека добивката на банката остварена лани, во износ од 10,73 милиони евра, е за 28 отсто поголема во споредба со 2010. Нетоприходите од каматите бележат мал пад и тоа од 1,838 милијарди денари во 2010, на 1,802 милијарди денари лани. Од друга страна, нетоприходите од провизии и надоместоци имаат раст од 718,6 милиони денари на 817 милиони.

Исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа се намалила од 778,6 милиони денари во 2010, на 585 милиони денари во 2011 година.

Најголемата банка, пак, Комерцијална, пред извесен период објави добивка од 17,6 милиони евра. Тоа е намалување од 24 отсто во однос на 2010, но според аналитичарите, ова е сосема солиден профит. „Според предвидувањата, банката во 2011 работеше во амбиент на забавување на расгот на македонската економија. Загубите поради оштетување на средсгва кај дадени кредити и вложувања на крајот на 2011 досгигнаа износ од 876,7 милион денари и во однос на истиот период 2010 бележат зголемување од околу три пати, како резултат на влошување на состојбата кај стопанските субјекти. Загубите поради оштетување, познати и како резервации, не се дефинитивна загуба на одобрените пласмани. Во иднина, доколку се подобрат состојбите во работењето на кредито-корисниците, постои можност дел од тие загуби да се наплатат”, изјави Маја Стевкова – Штериева, главен финансиски директор во Комерцијална банка.

Прилично солидна добивка за минатата година, од 10,24 милиони евра прикажа и Стопанска банка, иако во однос на профитот во 2010 тоа е намалување за 21,5 отсто. Нетоприходите од камати лани биле 2,19 милијарди денари, наспроти 2,5 милијарди денари во 2010, а нетоприходите од провизии и надоместоци лани биле 854 милиони денари, за разлика од 906,7 милиони во 2010. Сепак, во Стопанска минатата година била помала исправката на вредноста на финансиските средства, шго значи помали резервации за лошите кредити. Па така, ако во 2010 тие изнесувале 890 милиони денари, во 2011 нивното ниво било 743,5 милиони денари.

Првиот човек на Стопанска, Глигор Бишев, во интервју за ,Дневник”, објасни дека во периодот 2009  2011 банката го ставила акцентот на зголемување на ефикасноста.

Охридска банка, членка на Групацијата Сосиете женерал, која од лани му се приклучи на друштвото на големите банки, може да се пофали со зголемен профит. Од 440.000 евра во 2010, тој се искачил на 572.000 евра во минатата 2011 година, што е пораст на добивката за околу 30 отсто. Иако, таа е далеку помала од профитите на претходните три банки.

ТTК банка, која спаѓа во групата средни банки, како што стои во неревидираниот биланс на успех, има позитивен финансиски резултат, но добивката е намалена за 85 отсто во однос на 2010. Или конкретно, лани ТТК имала добивка од 115.000 евра, наспроти 742.000 евра во 2010. „Во текот на 2011, ТТК го приспособуваше тековното работење на економските и пазарните услови, со цел реализација на повисоки вредности за своите клиенти…”, се вели во образложението.

Шпаркасе банка Македонија, пак, исто така средна банка, објави дека има направено загуби од 776,2 милиони денари (12,6 милиони евра) во 2011, откако претходно оствари добивка од 2,36 милиони денари во 2010. Загубите од лошите кредити лани изнесувале над 800 милиони денари, наспроти 126,7 милиони во 2010. Во јануари банката издаде нова емисија акции, со вкупна вредност од околу 15 милиони евра.

Значи ли ова дека само на „големите” им оди добро на банкарската сцена? Или, може да се постави и една друга теза, со оглед што топ-компаниите, со чест на исклучоците, не успеваат да дојдат до толку високи профити, дали банкарите се богатат на грбот на реалниот сектор и на граѓаните?

Банкарите се согласуваат само дека големите банки подобро се справуваат со предизвиците на пазарот.

„Секоја банка има свој специфичен ризичен профил кој во услови на криза само дополнително ги нагласува нејзините слабости или посилни страни. Не може да се генарализираат констатациите, но ако се суди по состојбите во Македонија, останува фактот дека кога банките се поголеми најчесто подобро можат да се справат со кризни ситуации. Сепак, и големите банки не се имуни на криза и влошени финансиски резултати”, објаснува Маја Штериева од Комерцијална банка.

Според неа, за да може да се каже дека банките се богатат на грбот на реалниот сектор треба да се види дали во билансите на компаниите најголем износ на расходи се каматите кои компаниите ги плаќаат на банките. ,,Не би се сложила дека тоа е така. Дури некоја компанија и да е презадолжена и не сака да плаќа висок износ на камата, доколку смета дека има потенцијал или добра бизнис-идеја, може да оди со јавна понуда на акции или корпоративни обврзници и да не зависи од банките. Компаниите имаат слобода во изборот дали да одат во банка… Впрочем, ако банките се акционерски друштва кои работат со капитал на акционерите, и од нив се очекува да поделат одредена дивиденда или да ги зголемат резервите, тогаш нормално е дека треба да работат со добивка. Проблемот е многу подлабок отколку што се пласира во јавност, а најлесно е вината да се бара кај банките”, нагласува Штериева. Слично размислува и Донка Марковска, помошник-директор на Секторот за логистика во НЛБ Тутунска банка. „Банкарството е економија од обем, колку си поголем, толку повеќе можеш да опстанеш на пазарот и да ги издржиш шоковите, ударите што се случуваат”, објаснува Марковска.

Лани, под притисокот на кризата се зголемија нефункционалните кредити. Од тие причини, банките мора да издвојуваат повисоки резервации за лоши пласмани, а тоа се за нив повисоки трошоци што им ја намалуваат добивката. Токму тука е разликата меѓу големите од една и средните и малите банки од друга страна.

„Големите банки имаат поконзервативни политики во однос на ризиците. Тие навреме, уште во минатите години кога на економијата и одеше добро, издвојуваа соодветни суми резервации. Малите банки, пак, се принудени сега да прават поголеми резервации, поради зголемувањето на нефункционалните кредити. Значи, поради кризата се намалуваат приходите, а се зголемуваат издатоците за резервации и тоа негативно влијае на финансиските резултати кај овие банки”, вели Марковска.

Таа воопшто не се согласува со тезата дека банките се збогатуваат на грбот на фирмите и на реалниот сектор. „Ако ја гледате каматната маргина, таа во 2011 е намалена, поради пазарните движења. Но, факт е дека банките имаат поголема оперативна ефикасност и продуктивносг, што всушносг значи дека тие знаат добро да ги управуваат своите пари. Тоа и им овозможува поголема профитабилност”, нагласува Марковска.

[custom_frame_center]Големите Банки Покажаа кој е Навистина Голем[/custom_frame_center]

Превземено: Утрински Весник

Датум на објавата: 14.03.2012

Автор: Нина Нинеска-Фиданоска

By | 2012-03-14T07:05:00+00:00 14/03/2012|Банки|