Прилепскиот тутун ќе го отвара патот за извоз на жолтото злато во Кина. Делегацијата предводена од вицепремиерот Лијангу се интересирала и за проекти од енергетиката, како и за откуп на други земјоделски производи. Со македонскиот владин тим бил разгледуван и проектот Вардарска долина.
Осум илјади тони цигари направени од македонски тутун годинава за прв пат ќе се најдат на кинеските пазари. Тутунскиот комбинат Прилеп за кинеската компанија Конге Конге ќе произведува цигари, а комбинатот е подготвен да извезе и 7 илјади тони суров тутун во Кина. Но покрај цигарите, македонскиот тутун ќе се промовира и како бренд на кинескиот пазар. Денеска министрите за земјоделство на Македонија и Кина, Димовски и Чангфу го потпишаа документот со кој ќе се олесни извозот на ориенталниот тутун на кинеските пазари.
Три дена Македонија ќе биде домаќин на највисоката државана делегација од Кина предводена од Лијангу. На средбите со неговиот колега, Пешевски Кинезите изразиле интерес за соработка во енергетиката и земјоделството.
Македонија била земја од стратешки интерес бидејќи се наоѓа на трговскиот пат на кинеските производи кон европските пазари.
Трговската размена помеѓу двете земји бележи навистина зголемен тренд и зголемување од преку 30% во текот на минатата година. Тренд што очекуваме да продолжи во ова година. Во текот на разговорите ги нагласивме нашите интереси за соработка во полето на енергетиката, на полето на земјоделието, каде што Кина има и во двете области навистина значителен прогресс во изминатите години, но и можноста Македонија да се искористи како инвестициона дестинација за кинеските компании, бидејќи тие се поинтензивно, еден дел од својата трговска активност ја насочуваат кон Европа, изјави Владимир Пешевски вицепремиер за економски прашања во Влада на РМ.
Кинезите потпишаа и договор за грант од 3 милиони евра за проекти во образованието и здравството. Делегација оствари средба и со претседателот Иванов и со премиерот Груевски.
httpv://www.youtube.com/watch?v=jNIUpA37EwM
Превземено: Канал5
Датум на објавата: 29.03.2012
Термин: 18.20 часот
Автор: Кире Коцевски