Надворешниот бруто-долг минатата година се зголемил за 741 милион евра во однос на 2010 година и заклучно со крајот на декември изнесува 4,87 милијарди евра. Од нив, 2,06 милијарди се јавен долг, а 2,81 милијарди се приватен долг на македонските компании и граѓани. Стручњаците предупредуваат дека надворешниот бруто-долг полека, но сигурно се зголемува и достига критично ниво, особено ако се земе предвид дека се приближува до 70 проценти од домашниот бруто-производ (БДП). За нив е загрижувачки е трендот на јавниот долг, чиешто учество во БДП е зголемено од 20,63 проценти во 2010 година, на 28,19 проценти во 2011 година.
Порастот на јавниот долг се должи на континуираниот дефицит во јавната потрошувачка што го формира оваа Влада од 2008 година и тоа во висина од 2,5 проценти од БДП годишно. Со тоа динамиката за пет години е јавен долг од 10 проценти. Имајќи предвид дека стапките на пораст на БДП се многу скромни беше јасно зошто се зголемува долгот. Во иднина Владата не најавува намалување на дефицитот, а сведоци сме на зголемени апетити за задолжување и на општините коментира Никола Поповски, поранешен министер за финансии.
Во вкупниот јавен долг од 2,06 милијарди евра, само државниот сектор направил долг од 1,46 милијарди. Минатата година за прв пат се забележува пораст на долгот на Народна банка, кој изнесува 232 милиони евра.
Тоа се репотрансакции, кои НБРМ ги прави со странски банки за оперативни цели и од тоа остварува приходи. Тие истовремено ги зголемуваат побарувањата и обврските на НБРМ кон странство. Значи, нето-долгот на НБРМ кон странство не се менува од овие трансакции прецизира гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.
Во однос на приватниот долг, истиот лани бил зголемен за 105 милиони евра. Поранешниот министер за финансии Поповски вели дека приватниот долг кон странство расте во услови кога домашните банки имаат огромни суми благајнички записи кај НБРМ, кои достигнаа повеке од половина милијарда евра.
Отворено е прашањето зошто домашната економија се задолжува во странство, а не кај домашниот банкарски сектор, кој, пак, своите слободни средства ги пласира во благајнички записи. Очигледно е дека нешто не е во ред со деловната клима со која се фали Владата коментира Поповски.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Фокус Дневен
Датум на објавата: 02.04.2012
Автор: Наталија Скалова