На Машинскиот факултет во Скопје денеска официјално е отворен Осмиот Саем за вработување и кариера – Job Fair 2012 во организација на студентската организација БЕСТ.
На осмото издание на оваа тридневна саемска манифестација учество најавиле повеќе компании од лани, а презентациите и обуките се комплетно бесплатни за студентите.
– Во однос на минатата година новина е што не поддржаа и државните институции како Агенција за електронска комуникација – АЕК и Агенцијата за вработување на Република Македонија – АВРМ. Лани добивме 20-тина пракси и четири вработувања. Луѓето се уште работат таму дури еден и надвор од Македонија, истакна Ивана Чапалова, претседателка на БЕСТ Скопје.
Годинава, додаде, ќе се организираат предавања од разни компании за развивање на вештините кај студентите како што се изработка на работна биографија и појавување на интервју.
– Утре и задутре се главните денови на саемот посветени на студентите. Тие ќе можат да ги остават своите биографии, а базата со податоци ќе биде доставена до компаниите кои ќе можат според своите потреби да ги повикаат на пракса или, пак, за вработување, рече Чапалова.
Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски, кој учествуваше на отворањето на саемот, истакна дека АВРМ ќе ја преземе базата со податоци од саемот со што, нагласи, таа ќе им биде достапна на сите заинтересирани компании.
– Во Македонија во последниве 15-тина години повеќе се продуцираат кадри од општествените науки, а се помалку од природните. Затоа полесно се вработуваат кадрите со завршени технички факултети, порача Поповски.
Деканот на ФЕИТ Миле Станковски нагласи дека саемот претставува одлична можност студентите да се запознаат со компаниите во кои подоцна ќе работат, а компаниите, пак, да ги видат инженерите кои треба во иднина да работат кај нив. Се пожали на начинот на одење на пракса и на обемот на праксата на студентите.
Според организаторите, Саемот за вработување и кариера придонесува за спојување на триаголникот „универзитети-студенти-компании“ со цел да ја намали нееднаквоста на понудата и побарувачката на пазарот на труд, да овозможи директен контакт помеѓу студентите и компаниите и на студентите да им овозможи бесплатни предавања на различни теми од нивното поле на интерес.
Во досега одржаните седум изданија на саемот учествувале преку 50 компании, а вработување и пракса нашле преку 200 кандидати. Минатата година учествуваа осум компании од кои две интернационални, а саемот го посетија преку 3.500 студенти.
Извор: www.utrinskivesnik.com.mk
Датум на објава: 09.04.2012
