Р.Македонија досега многу малку аплицираше за Програмата за конкурентност и иновации рече министерот за економија Ваљон Сарачини на денешната промоција на програмата за 2012-та.
За оваа година се предвидени се 6 милиони евра и тоа за претприемништво и иновации, за информатичко-комуникациски технологии и за проектот за интелигентна енергија.
Министерот за економија Ваљон Сарачини апелира до компаниите да аплицираат за Програмата за конкурентност и иновации. Тоа е интересна програма за нашата деловна заедница, затоа што навистина постојат многу средства од ЕУ кои нашите компании можат да ги остварат секако, со квалитетни проекти, вели министерот Сарачини.
Вкупниот буџет за целата програма за периодот од 2007-ма до 2013-та изнесуваше негде околу 3,5 милијарди евра. За жал морам да кажам дека РМ досега има искористено многу малку, и тоа 15 милиони евра т.е. аплицирано е за вкупно 6 проекти. Мислам дека оваа бројка е многу мала, има простор да работиме сите заедно за да привлечеме што е можно повеќе средства, т.е. тие средства што ги нуди ЕУ ради тоа што врз основа на нашите апликации се прави буџетот и за наредната година изјави Сарачини.
Основна цел на Програмата е да ја поттикне конкурентноста на фирмите рече амбасадорот на Европската Унија Аиво Орав.
Делумните реформи кои што започнаа во земјата ќе се интензивираат во текот на 2012-та. Тие треба да донесат нови инвестиции, да отворат работни места, да ги зголемат можностите за извоз на локалните компании и генерално да го зголемат животниот стандард на граѓаните. Од своја страна ЕУ ќе остане ваш верен партнер и ќе продолхи да ја поддржува земјата на нејзиниот пат за пристапување кон ЕУ изјави Орав.
Причините за толку малку апликации за програмите се лоцираат во недоволната информираност на компаниите, но и немање административен капацитет на компаниите за поддршка на вакви проекти.
Превземено: Македонско Радио
Датум на објавата: 09.04.2012
Термин: 15.30 часот
Автор: Снежана Трајчева