Банките ќе ги намалат каматите на штедењето. Откако Народната банка (НБРМ) во петокот кажа дека ќе го намали износот на пари кои ќе ги прибира како благајнички записи, сега банките прават пресметки каде ќе ги вложуваат вишокот ликвидни средства и колку од загубите ќе префрлат на граѓаните и на фирмите кои ги чуваат парите в банка.
“Новата монетарна рамка ќе значи и намален потенцијален приход, кој неминовно ќе се одрази во еден сегмент од работењето на банките, вклучувајќи ги и каматните стапки на депозитите. Но ваквиот ефект не е само поради ваквата регулатива на НБРМ туку тоа се и пазарно очекувани каматните стапки, со оглед на фактот дека каматните стапки на кредитите паѓаа во изминатиов период. Сепак, директните и конкретни ефекти врз каматните стапки дополнително детално ќе се разгледуваат во периодот кој претстои”, изјавија од Прокредит банка.
Од Еуростандард банка велат дека не очекуваат вишокот средства кои нема да се вложуваат во благајнички записи да заврши во зголемување на кредитите.
“Ќе има надолна корекција и кај каматите на депозитите и кај оние на кредитите. Колку, се уште правиме анализи. Во првите три месеци имаме раст на штедењето и на кредитирањето, но поголем е растот кај штедењето. И досега банката финансираше 90 проценти од аплицираните проекти, и никогаш не биле проблем ликвидните средства. Еуростандард не одела на штета на кредитирањето да вложува во неризични пласмани”, ни изјави Николче Петкоски, директор на Еуростандард банка.
Со нови камати на заштедите, Комерцијална банка ќе излезе по велигденските празници.
“Со новите стапки на благајничките записи, ќе ни се намали приходот. Не е цел на банките да ги оштетат штедачите, но делот кој ќе го загубат во Народна банка, треба од некаде да го земат. НБРМ вели дека не сигнализирала намалување на каматите на заштедите, но, де факто, иако не се менува референтната каматна стапка, се сведува на исто”, вели Маја Стевкова – Штериева, директор во Комеријална банка, додавајќи дека не очекува, поради намалените камати, да се намали штедењето.
“Очекувам дека ќе има прелевање од една банка во друга, но нема алтернатива за штедење. Тоа ја покажува состојбата во стопанството, ако се фирмите здрави, би се вложувало повеќе во акции”, вели Стевкова – Штериева.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Вест
Датум на објавата: 11.04.2012
Автор: А.С.