Министерството за економија вчера објави јавен оглас во кој бара фирма или институција што ќе изработи предфизибилити-студија за повеќенаменско искористување на реката Вардар
Мексиканскиот милијардер Карлос Слим е заинтересиран да гради хидроцентрали на реката Вардар. При неговата неодамнешна посета на земјава македонските власти, меѓу другите проекти, му го презентирале и тој за „Вардарска Долина”. Од Министерството за економија објаснуваат дека токму овој проект му се видел најинтересен за вложување на најбогатиот човек на светот поради што побарал подетални информации.
Министерот за економија, Ваљон Сараќини, вели дека неколку странски инвеститори покажале голем интерес за да градат хидроцентрали на Вардар. Освен за Слим, „Вардарска Долина” е предизвик и за индиска и за кинеска компанија, а се заинтересирала и чешката владина делегација, која завчера беше во официјална посета на земјава.
Токму поради големиот интерес за проектот „Вардарска Долина”, кој е стар повеќе децении, Министерството за економија вчера објави јавен оглас во кој бара фирма или институција што ќе изработи предфизибилитистудија за повеќенаменско искористување на реката Вардар. Според огласот, студијата треба да се изработи во следните две години.
Министерот Сараќини објаснува дека по долгогодишното споменување и актуализирање на проектот „Вардарска Долина”, Министерството за економија конечно почнува со конкретна реализација. Предфизибилити-студијата треба да утврди што ќе биде приоритет во овој проект, односно дали развивањето на туризмот по течението на Вардар, создавањето услови за реката да биде пловна или енергетиката. Според Сараќини, последниот аспект е најважен за земјава и Министерството ќе стави акцент токму на енергетиката. Студијата треба да даде одговор дали е поисплатливо на Вардар да се градат три или четири големи хидроцентрали или 12 мали. Процените се дека целиот проект треба да чини 1,5 милијарда евра.
Но експерти од хрватскиот економски институт „Хрвое Пожар”, кои престојуваа во Македонија на покана на нашата Влада, сугерираа дека доколку се концентрираме само на енергетиката, може да чини двојно помалку, односно од 600 до 700 милиони евра вели Сараќини. Тој објаснува дека студијата ќе помогне прецизно да се дефинира проектот. Освен изградбата на хидроцентрали, „Вардарска Долина” предвидува и изградба на плажи по течението на Вардар, како и неколку други придружни елементи.
За да може да се реализира првичниот проект, потребна е дислокација на дел од железничката пруга од Скопје до Гевгелија. Токму сите овие придружни елементи ја креваат цената на проектот. И затоа инвеститорите не ја гледаат целата слика, туку се откажуваат од идејата да вложат поради многуте поситни работи кои треба да се направат. Идејата е со оваа предфизибилити-студија да се расчистат тие ситни работи и да се стави акцент на енергетиката, по што реализацијата на проектоттреба да оди многу побргу вели Сараќини.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Дневник
Датум на објавата: 19.04.2012
Автор: Даница Тунтевска-Вујовиќ