Автомобилот Помил од Животот

//Автомобилот Помил од Животот

Автомобилот Помил од Животот

На македонските граѓани помили им се нивните возила и домови отколку сопствениот живот. Ова може да се заклучи ако се погледнат податоците дека дури 92,70 отсто од приходите на осигурителните компании се остварени од продадени полиси за неживотно осигурување, а остатокот е остварен од животно осигурување. Според годишниот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурувањето за 2011 година, македонските осигурителни компании оствариле 110 милиони евра приходи врз основа на издадени полиси што е за 5,05 отсто повеќе во однос на претходната 2010 година. Притоа, од неживотно осигурување лани е остварена полисирана бруто – премија во износ од 102 милиона евра, додека, пак, приходите од осигурување на живот се само 8 милиони евра. Но тоа што влева оптимизам е дека во овој сегмент е остварен силен раст од 40,19 отсто во однос на претходната година, што значи дека се повеќе се зголемува интересот за овој тип полиси.

Осигурувањето од автоодговорност е најмногу застапено затоа што тоа е законска обврска за секој што поседува регистрирано моторно возило. Исто така, и доброволното осигурување на возилата  каско е обврска која ја бараат банките кога даваат кредит за купување нов автомобил и тоа се плаќа за цело време додека се отплаќаат ратите. Во последниве години, граѓаните се почесто се одлучуваат да ги осигурат домовите и имотот, а раст бележи и животното осигурување.

Во вкупната полисирана бруто премија, најзначајно учество има осигурувањето од автомобилска одговорност (47,96 отсто), каско осигурувањето (11,49), потоа следува осигурувањето на имот од пожар, природни непогоди, кражби и други ризици (18,30) и осигурувањето од последици на несреќен случај (7,96). Исто така, и осигурувањето на живот зазема значајно место со 7,30 отсто учество.

Значаен пораст од 6,6 отсто е забележан во класата за осигурување од автоодговорност во износ од 53 милиони евра. Овој пораст пред се се должи на владината мерка во 2010 година за увоз на половни возила, како и поради намалувањето на бројот на неосигурени возила. Исто така влијание имаше и мерката за ограничување за пререгистрација на возила со странски регистарски таблички кои престојуваат подолго од шест месеци во земјава  велат во Агенцијата за супервизија на осигурување.

Кај осигурувањето на имот лани се забележува пад на приходите од 2,47 отсто во споредба со 2010 година. Според регулаторното тело, овој резултат се должи на пониската цена на осигурувањето која ја нудат друштвата за осигурување поради поострата конкуренција, што се гледа од бројот на склучени договори кој изнесува 63.860 што претставува пораст од 13,68 отсто.

[custom_frame_center]Автомобилот Помил од Животот[/custom_frame_center]

Превземено: Дневник

Датум на објавата: 23.07.2012

Автор: Марјан Блажевски

By | 2012-07-23T07:18:59+00:00 23/07/2012|Осигурување|