Банките и Лихварите ќе Останат без Работа

//Банките и Лихварите ќе Останат без Работа

Банките и Лихварите ќе Останат без Работа

Народот како да се откажува од барањето пари на заем. Освен намалениот интерес за задолжување кај банките, во последно време и лихварите останаа без работа. Ако до скоро ви требаше автомобил „пасат” за да добиете заем од 5.000 евра и да плаќате месечно камата од 7 до 10 отсто кај лихварите, сега може да завршите работа со поскромен автомобил, и тоа за камата од 3 до 5 отсто. Експертите ова го објаснуваат со фактот дека граѓаните се презадолжени и немаат пари за да враќаат заеми, па затоа сега трипати размислуваат пред да се решат пак да се задолжат. До неодамна банките беа стегнати во одобрувањето на кредитите, а сега граѓаните се помалку тропаат кај нив на врата од страв дека ќе бидат одбиени. Лихварите потврдуваат дека им е падната работата. Ако порано големите позајмувачи месечно давале и по 30ина заеми, сега се задоволни и со 10.

Веќе цела недела не сум дал заем на ниту еден клиент. Телефонот постојано ѕвони, граѓаните се распрашуваат, меѓутоа никој конкретно не кажува колку пари му требаат и што нуди за возврат. Иако кажуваме дека работиме со помала лихва од пред извесен период, никој веќе не се осудува да земе заем од кај нас. Дали поради намалениот стандард на народот, дали поради големата презадолженост, не знам што се случува. Само знам дека ако вака продолжи, ние веќе ќе немаме работа  вели еден од поголемите скопски лихвари.

Огласите се преполни со лица што нудат заеми за граѓаните. Се јавивме на неколку од нив да видиме под кои услови може да земеме кредит од 5.000 евра. Под залог оставивме возило „пасат” со година на производство 2005, кој реално на пазарот чини околу 8.000 евра.

Можете да го донесете возилото на процена, па ќе видиме дали може да ви дадеме 5.000 евра, односно колку пари ќе ви дадеме. Камата е 5 отсто месечно, а може да се договориме и за помалку рече лихварот од другата страна на телефонот.

За лихварите не е важно ниту дали имате кредит, нитудали работите, ниту колку должите. Има и такви што нудат дури и пари на лизинг.

Нудиме лизинг и за презадолжени, не ни е битно дали имате кредити, колкава ви е платата, не ви требаат жиранти ниту меници. Или, пак, ако сте земјоделец, имате ниски месечни примања, немате постојано вработување, а сакате нов автомобил, дојдете кај нас ова се дел од огласите што се нудат на интернетогласувачите, се со цел да ги примамат љубопитните граѓани.

Граѓаните не тропаат ниту кај банките

Граѓаните, пак, се скептични и кон банките и кон лихварите. Кога им требаат пари, најчесто се служат со девизата  повикај пријател.

Сакав да купам автомобил и поднесов документи во неколку банки. И сите ме одбија. Порано во речиси сите банки ми нудеа кредит, добивав известувања дека како нивен клиент, освен кредити, може да користам и разноразни картички, а сега ниту една од банките не ми дава можност за нов кредит бидејќи веќе сум задолжена  вели вработена во приватна фирма.

Иако банките сега ги олабавија условите за кредитирање на населението, граѓаните се скептични.

И некои од банките потврдуваат дека во последните месеци е паднат интересот за потрошувачки кредити и иако имаат фонд на пари кој треба да го пласираат, немаат кому да му ги дадат.

Нудиме ненаменски потрошувачки кредити до 5.000 евра со пристојна каматна стапка, меѓутоа како на граѓаните да не им требаат пари. Бараат само кредити за рефинансирање на долговите и речиси ништо друго  велат во една комерцијалните банка во земјава.

Податоците, пак, на Народната банка од анкетата за кредитна активност покажуваат разни согледувања на банките во однос на побарувачката на кредити.

Околу 43 отсто од банките укажуваат на главно непроменета побарувачка за сите видови крједити, што е помал процент во однос на претходната анкета (61 отсто). Во однос на потрошувачките и другите кредити, околу 19 отсто од банките укажуваат на раст на побарувачката, што исто така е помал процент во однос на претходната анкета (40 отсто), а преостанатите 39 отсто од банките укажуваат на намалување на кредитната побарувачка за овие кредити (во претходната анкета ниту една банка не укажа на вакво движење  стои во анкетата на НБРМ.

Штедиме колку што должиме

Граѓаните заштедиле толку колку што должат. Податоците на Народната банка покажуваат дека вкупните долгови на граѓаните и на фирмите кон банките изнесуваат околу 3,3 милијарди евра, од кои 1,3 милијарда евра должи населението. Податоците, пак, за заштедите покажуваат дека вкупните депозити во банките достигнаа 3,4 милијарди евра. За пет години, од 2006 до 2011 година, вкупните штедни влогови пораснале од 1,9 на 3,4 милијарди евра, а заштедата на населението се зголемила од 1,1 на 2,5 милијарди евра. Според Народната банка, стабилноста и релативно високото ниво на ликвидност на банкарскиот систем во земјава се должат токму на високиот степен на стабилност на депозитната база на банките.

[custom_frame_center]Банките и Лихварите ќе Останат без Работа[/custom_frame_center]

Превземено: Дневник

Датум на објавата: 29.05.2012

Автор: Валентина Ангеловска

Александра Филиповска

By | 2012-05-29T05:02:22+00:00 29/05/2012|Банки|