Верувам дека ќе дојде до намалување на каматните стапки на кредитите што ги одобруваат банките, изјави гувернерот на Народна банка, Димитар Богов, на вчерашната промоција на книгата „Пари и банкарство“ од авторите Томе Неновски и Евица Делова-Јолевска, како и книгата „Шокови, остварувања и перспективи на македонската економија“ од Томе Неновски
Богов објасни дека намалувањето на проекцијата за пораст на економијата е поради послабите остварувања за првиот квартал од оваа година, но додаде дека се очекува во вториот квартал оваа година заживување на економијата во еврозоната, а со тоа и во Македонија.
– Исходот од изборите во Грција и во Франција внесува дополнителна доза на неизвесност во случувањата во еврозоната, а какви ќе бидат последиците ќе видиме. Во секој случај, евентуално излегување на Грција од еврозоната не би имало директни последици врз грчкиот капитал во Македонија. Тој е во македонски претпријатија регулирани со македонски закони и не може да се повлече. Може да се продаде и да има нови сопственици, но тие претпријатија и тие банки ќе продолжат да функционираат како што функционираа и досега – објасни Богов.
Според Неновски, проекциите се неблагодарни, особено во време на неизвесност, кога никој во светот не знае што ќе се случува во претстојниот период во светската економија, а со тоа и на домашната сцена.
– Јас би бил задоволен доколку нашата економија и оваа година излезе непогодена од светските движења и да оствариме каков-таков позитивен резултат – вели Неновски, додавајќи дека по намалувањето на основната каматна стапка на благајничките записи на потег се банкарите, кои треба да финансираат економски субјекти со пониска каматна стапка.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Извор: Нова Македонија
Датум на објава: 10.05.2012