Депозитите во Април Паднале за 26 Милиони Евра

//Депозитите во Април Паднале за 26 Милиони Евра

Депозитите во Април Паднале за 26 Милиони Евра

Грчката криза што ја тресе цела европска економија, сепак, има негативно влијание и врз македонското штедење. Откако подолг период наназад постојано растат депозитите во македонските банки, во април е регистриран нивен пад, и тоа за околу 26 милиони евра во споредба со претходниот месец. Она што е интересно е дека граѓаните и натаму се повеќе штедат и нивните заштеди продолжуваат да растат, за разлика од компаниите, чии депозити се значајно намалени, што довело до повлекување надолу на вкупните депозити во домашните банки.

Пред неколку дена министерот за финансии, Зоран Ставрески, и гувернерот Димитар Богов заедно со своите тимови одржаа состанок на Комитетот за финансиска стабилност, чија задача е следење на ситуацијата со европската криза и предлагање мерки доколку има потреба. Заклучокот од оваа сесија беше дека банкарскиот систем во земјава е исклучително стабилен и отпорен на шокови. Првиот човек на НБМ изјави дека адекватноста на капиталот е зголемена на 17,5 проценти, а во првиот квартал високоликвидната актива достигнала 31,5 отсто во вкупната. Стрес-тест симулациите покажале дека и при најцрните сценарија, ниту една банка не ја намалува адекватноста на капиталот под законскиот минимум од 8 отсто.

Ставрески, пак, дополни дека е добро што и во услови на зголемен ризик во европската економија, умерено растат и депозитите во нашите банки, објаснувајќи дека ова е доказ за довербата што граѓаните и фирмите ја имаат кон домашните банки. Според него, нема ниту една банка во Македонија што би дошла во критична ситуација, односно и граѓаните и фирмите можат да бидат спокојни за стабилноста на нивните депозити.

По состанокот беше презентиран и податокот дека во март годинава вкупните депозити достигнале 237 милијарди денари или 3,85 милијарди евра, што е пораст од 9,8 отсто во споредба со март претходната година.

Но, податоците за април покажаа дека кризата, сепак, имала влиjание и врз депозитите, бидејќи кај нив е регистрирано намалување. Поточно, ако во март депозитите биле на ниво од 3,848 милијарди евра, во април се сведуваат на 3,822 милијарди, односно се намалиле за 26 милиони евра.

И покрај падот на вкупните депозити, влоговите на домаќинствата и во април покажуваат плус, за околу 23 милиона евра повеќе во однос на март. Односно, од 2,712 милијарди евра во март, достигнуваат 2,736 милијарди евра во април.

Но, ова покажува дека е голема сумата на намалување на депозитите на компаниите во банките. Според експертите, тоа е доказ дека нашето стопанство е во многу лоша кондиција, како последица на се посилното разгорување на европската криза. Македонските бизнисмени се жалат дека трпат сериозни последици од случувањата во Европа, бидејќи нивните европски партнери ти откажуваат нарачките, а извозот постојано се намалува. Но, Владата смета дека засега нема потреба од преземање специјални мерки за пребродување на кризата, туку дека најдобро ќе им помага на компаните преку капиталните инвестиции во буџетот и преку евтините кредити од Европската инвестициска банка што ќе бидат на располагање одјуни.

Инаку, во април во однос на март се намалуваат и денарските депозити, и оние во странска валута. Па така, влоговите во денари во април биле на ниво од 2,011 милијарди евра, што е за околу 20 милиони евра помалку од март, но овој износ, сепак, е повисок од оној во февруари. Депозитите во странска валута, пак, во април во однос на претходниот месец се пониски за околу 6 милиони евра.

[custom_frame_center]Депозитите во Април Паднале за 26 Милиони Евра[/custom_frame_center]

Превземено: Утрински Весник

Датум на објавата: 25.05.2012

Автор: Нина Нинеска Фиданоска

By | 2012-05-25T03:51:12+00:00 25/05/2012|Банки|