Турската компанија Џеваир холдинг ќе го гради Сончев град. На падините на Водно за 5 години треба да се изгради елитна населба со трговски центри, болници, викенд куќи и згради. За земјиштето треба да платат 1.8 милиони евра.
Турската градежна компанија Џеваир Холдинг ќе го гради Сончев Град. Компанијата денеска беше единстената која достави понуда на лицитацијата на општината Сопиште за земјиштето на кое треба да се гради станбено деловен комплекс на јужните падини на Водно.
Локацијата на јужните падини од Водно се протега на речиси 850 илјади квадрати. Се нудеше со почетна цена од 120 денари, а Џеваир Холдинг понудила 132. Со тоа земјиштето се продава за 1,8 милиони евра, кои турските градежници треба да ги уплатат за 15 дена.
Од општината очекуваат дека до средината на јануари ќе се потпише договор, по што фирмата има рок од шест месеци да достави проект за да добие градежна дозвола.
Она што го кажуваа изминативе месеци овдека дека ќе се направи една луксузна населба каде што во регионов можеби ќе биде една од најдобрите урбанистички такви населби од ваков вид на градба. Значи сепак теренот не е како што е во рамниот дел но сепак ова е брдо каде што тој план вели дека ќе биде еден од најдобрите планови или градби на балканот, вели градоначалникот на општина Сопиште, Јован Ѓорѓијоски.
Локалната самоуправа очекува населбата да има најмалку 100 куќи, неколку станбени згради и други објекти за јавни институции, трговски центар, бензински пумпи, училишта и објекти за рекреација.
Џеваир Холдинг е компанија која ги гради четирите висококатници во скопската населба Аеродром.
Превземено: Сител
Датум на објавата: 27.12.2012
Термин: 19.00 часот
Автор: Филип Момировски