Европската банка за обнова и развој ЕБОР објави јавен повик за избор на консултант за проектирање и поддршка при спроведувањето на јавните постапки за изградба на делницата од Бељаковце до Крива Паланка, која е дел од железничкиот коридор 8, односно пругата кон Бугарија.
Од Министерството за транспорт и врски информираат дека се очекува да се обезбеди искусен меѓународен консултант за поддршка на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура во подготовката на детален дизајн и тендерска документација за проектот за овој дел од пругата, кој треба да почне да се гради во 2015 година и да биде готов за пет години.
Се очекува консултантот да обезбеди дизајни за дванаесет нови мостови и четири нови тунели, за изградба на 33 километри од главната пруга и на 7,5 километри станична пруга. Консултантот ќе треба да го провери статусот и да подготви ажуриран дизајн за дополнителни 25 мостови и за 10 постојни, односно делумно изградени тунели вели портпаролот на ресорното Министерство, Драган Симоновски.
Конкретно, консултантот кој ќе се избере на јавниот повик, ќе има задача да обезбеди детални инженерски дизајн услуги за реконструкција и изградба на делот Бељаковце Крива Паланка, да му помага на Јавното претпријатие во подготовката на тендерската документација за работи и услуги со цел да се обезбеди усогласеност со политиката за набавки на ЕБОР, како и со правилата за животна средина и социјална политика, а ќе има обврска да го поддржува јавното претпријатие и во текот на целиот тендерски процес за избор на изведувач, како и да обезбедува обуки за спроведување на проектот.
Јавниот повик е отворен до 7 септември 2012 година, а предвидено е консултантот да почне да работи од февруари следната година и да биде ангажиран околу две години.
За реализација на овој проект за реконструкција и изградба на делницата помегу Белјаковце и Крива Паланка, која е секција од источниот дел на трансевропскиот коридор 8 во Република Македонија, ЕБОР предвидува 50.5 милиони евра. Се очекува проектот да биде кофинансиран и од Европската инвестициска банка. Владата, пак, преку финансискиот инструмент Њестерн Балкан Инвестмент Фрамењорк со поддршка на ЕБОР обезбеди грант од 5.2 милиони евра. Од овие пари 2.5 милиони евра треба да се потрошат за надзор на изградбата делницата од Куманово до Белјаковце, а 2.7 милиони евра за ангажирање на консултанти за изработка на основните проекти и тендерската документација за втората делница, од Бељаковце до Крива Паланка.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Вечер
Датум на објавата: 09.08.2012
Автор: С.Ву.