ЕУ дава 34,5 милиони евра за еко-иновации во Македонија

//ЕУ дава 34,5 милиони евра за еко-иновации во Македонија

ЕУ дава 34,5 милиони евра за еко-иновации во Македонија

Европската комисија преку ЦИП програмата ќе ги кофинансира компаните кои преку еко-иновации ќе го подобрат своето работење.

Европската комисија нуди нови 34,5 милиони евра за еко-иновации преку ЦИП програмата, со кои компаниите во Македонија треба да ја подобрат конкурентноста и иновативноста и да ги решат еколошките проблеми во работењето. Преку јавен оглас, објавен на 8 мај, а кој треба да заврши на 6 септември, се бара македонските компании да аплицираат за дел од европските пари, но само ако пред Европската комсија понудат проект за еколошко и иновативно производство.

Според огласот, Брисел планира ќе финансира околу 40 проекти. Половина од вкупната инвестиција ќе треба да си ја обезбеди компанијата, а останатите 50% ќе ги даде Брисел.

“Оваа програма за нас е од исклучителна важност бидејќи е наменета исклучиво за компаниите кои имаат намера да инвестираат во проекти за да ја подобрат својата конкурентност и иновативност. Приоритетни области за оваа година Брисел одлучи да бидат рециклирањето и зелената економија, потоа водата како ресурс и нејзината заштеда при производниот процес, одржливите градежни материјали и градежната индустрија и на крајот прехрабениот сектор.

Досегашните програми на Европската комисија претежно бараа партнерства меѓу фирмите за да аплицираат за парите, но ова е можеби единствената програма наменета за компаниите која дозволува само една компанија да може да аплицира. Ги охрабруваме компаните да аплицираат за овие пари“, порача Јадранка Аризанковска од Стопанската комора на Македонија.

На минатогодишниот европски повик за еко-иноваци аплицираа пет македонски компании, но ниту една не доби пари од колачот “тежок“ 40 милиони евра. Најдобри еколошки и иновативни проекти лани изготвиле компании од Италија, Шпанија, Холандија, Британија, Австрија и од Хрватска. Главната причина поради која македонските проекти не се атрактивни за Европа да ги вложи своите пари е недоволно иновативната проектна идеја, како и слабиот бонитет на компанијата во однос на пропишаниот од Европа.

Во време на криза и на намалена ликвидност, компаниите бараат поголема будност од Владата, односно преку национален гарантен фонд да им помогне полесно да ги реализираат инвестициските активности.

“Побаравме од Владата да го реши овој недостаток. Свесни сме дека компаниите тешко доаѓаат до кредити за финансирање на кои било свои инвестиции кои имаат високоризичен карактер. Самите проекти се ставени во високоризични инвестиции и затоа се кофинансираат од ЕУ. Стопанската комора бараше формирање национален гарантен фонд токму за да им се олесни на компаниите што полесно да дојдат до пари кои ќе им бидат неопходни за отпочнување инвестициски проекти. Владата полека сфаќа дека националните гарантни фондови мора да им бидат достапни на компаниите“, додаде Аризанковска.

Европската комисија за периодот 2007-2013 година одвои 200 милиони евра за да ги стимулира комапниите на еко-иновации при производниот процес.

[custom_frame_center]ЕУ дава 34,5 милиони евра за еко-иновации во Македонија[/custom_frame_center]

 

Извор: www.kapital.mk

Автор: Катерина Попоска

Извор: 28.05.2012

 

 

By | 2012-05-28T15:05:24+00:00 28/05/2012|Економија|