Катарците Ќе Прават Дубаи Од Македонија

//Катарците Ќе Прават Дубаи Од Македонија

Катарците Ќе Прават Дубаи Од Македонија

Катарски туристички агенции и туроператори гледаат во Македонија интересна туристичка дестинација полна со традиција, култура, добра храна и сигурност за катарските деца, бидејќи тие се заинтересирани да го развиваат семејниот туризам. Тие се воодушевени од гостопримливоста на македонскиот народ и од убавата природа со која располага земјава.

-Дубаи, она што порано беше поим за туризам, сега е веќе Катар. Катарците го претпочитаат семејниот туризам и можноста децата да си ја најдат својата забава. Токму затоа ја избравме Македонија, бидејќи почувствувавме дека е безбедна земја, вели Сердар Мухамет Кан од Амбасадор травел од Катар и додава дека се задоволни и од македонската храна иако како нација преферираат ресторани со халал мени.

Тој им се заблагодари на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, на македонската влада и на Агенцијата за странски инвестиции, којашто ги покани да ги видат убавините на Македонија.

Како што посочи Живка Цветковска-Анденовска од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, очекуваат оваа средба да ја интензивира туристичката соработка и за многу кратко време туристите од Катар да бидат гости во цела Македонија.

И за туроператорите и туристичките агенции од Македонија Катар претставува силна економска земја од каде што можат да пристигнат голем број туристи. Македонските граѓани се заинтересирани да работат во Катар, особено новите студенти кои дипломираат на факултетите за туризам во Македонија. Тие сакаат да работат во катарските хотели.

За жал, во Македонија се уште нема хотелски капацитети со пет и повеќе ѕвезди, коишто можат да им понудат луксузно сместување, но затоа пак се можни инвестиции на Катарци во туризмот и изградба на луксузни хотели. Според Снежана Јовановска, претседател на Здружението на туризам при Стопанска комора на Македонија, наскоро заедничката средба меѓу македонските и катарските туристички работници ќе вроди со плод.

-Размената на туристи се очекува да се интензивира, но и одливот на работна сила, бидејќи голем број на македонски стјуардеси и пилоти работат во Катар и тие пренесуваат позитивно искуство во Македонија, вели Јовановска. Таа укажа дека неопходно е директна авионска врска меѓу Македонија и Катар за да се реализира заемната комуникација поуспешно. Според неа има најави од Катар ервејз да се воведе директна врска меѓу Доха и Скопје.

Катарската бизнис-делегација која вчера замина од Македонија е задоволна од можноста за инвестирање во енергетскиот сектор, храната, а претставници на компанијата “Катар петролеум” разгледаа околу 20 локации во Македонија за изградба на бензински пумпи.

[custom_frame_center]Катарците ќе прават Дубаи од Македонија[/custom_frame_center]

 

Извор: Вчер

Автор: Валентина Марјановиќ

Датум на Објава: 10.05.2012

By | 2012-05-10T13:44:45+00:00 10/05/2012|Економија|