Комерцијална Банка Загуби Над 11 Милиони Евра на Лоши Кредити

//Комерцијална Банка Загуби Над 11 Милиони Евра на Лоши Кредити

Комерцијална Банка Загуби Над 11 Милиони Евра на Лоши Кредити

[custom_frame_left][/custom_frame_left] Шестмесечните финансиски извештаи на компаниите што котираат на берзата покажуваат дека повеќето од нив имаат драстично послаби резултати во однос на минатата година, но има и такви што годинава работеле подобро од лани.

Македонските компании се потешко ги враќаат кредитите, а главна причина за тоа е европската криза поради која во земјава има неповолен амбиент за стопанисување, неликвидност на фирмите и намалената побарувачка за домашните производи во странство. Шестмесечните финансиски извештаи на компаниите што котираат на берзата покажуваат дека повеќето од нив имаат драстично послаби резултати во однос на минатата година, но има и такви што годинава работеле подобро од лани. ПроКоблемите на македонските компании влијаеја и врз финансиските резултати на банките во првата половина од годинава, кои бележат послаба добивка и зголемување на загубите поради таканаречените лоши кредити.

Лоши кредити

Комерцијална банка во првите шест месеци од годинава оствари позитивен финансиски резултат во износ од околу 4,7 милиони евра, што е за околу 43 отсто помалку во споредба со остварениот резултат во истиот период минатата година.
Во банката информираат дека загубата поради оштетување средства кај дадени кредити и вложувања достигнала над 11,5 милиони евра, што во однос на истиот период во минатата година е зголемување од 75,1 отсто.
Во Комерцијална банка укажуваат дека неповолниот амбиент на стопанисување под влијание на европската должничка криза, но и на одредени домашни фактори е основна карактеристика во првите шест месеци од 2012 година.
– Реалниот сектор директно го почувствува негативниот ефект од намалената надворешна потрошувачка, намалената ликвидност кај стопанските субјекти ја намали нивната способност за сервисирање на обврските и продолжувањето на лошите состојби кај корпоративните клиенти значеше дека банката ќе мора да ги активира сите неопходни механизми за наплата на побарувањата – велат во банката.
Во акционерското друштво „Хотели Метропол“ укажуваат дека во првата половина од годинава работеле во услови на економска и финансиска криза како на меѓународниот, така и на домашниот туристички пазар.

Хотелиерите работат со загуба, но подобро од лани

– Но поместувањата на приоритетните пазари за меѓународните туристички субјекти, макроекономските мерки преземени во земјава, како и промената и приспособувањата на другите услови и преземени активности доведоа до зголемен остварен број на ноќевања од 25.756, но и забележан негативен финансиски резултат во износ од околу 97.000 евра, што претставува 29,56 отсто од негативниот финансиски резултат забележан за истиот период на работење во минатата година – велат во компанијата.
Оттаму информираат дека остварениот вкупен приход од околу 911.000 евра е за 9 отсто поголем во однос на истиот период од минатата година.
– Остварениот финансиски резултат е негативен, но со оглед на периодот за кој се однесува и задоволувачки споредено со истиот период во минатата година. Се надеваме на подобри резултати во наредниот период – велат во компанијата.

Во „Фершпед“ чувствуваат заздравување

Во „Фершпед“ велат дека во првата половина од годинава работеле во услови на заздравување на економијата од кризните збиднувања од една страна, но и во услови на голем пад на индустриското производство од друга страна. Компанијата во овој период остварила позитивен финансиски резултат од околу еден милион евра, што претставува зголемување од 25 отсто во однос на остварениот финансиски резултат во истиот период од минатата година.
– Остварен е вкупен приход (оперативен и финансиски) во износ од 38,6 милиони евра, што е за 2,7 отсто повеќе во однос на истиот период од минатата година. Во вкупните приходи најголемо учество имаат приходите од продажба на домашен пазар од 75,4 отсто, потоа на приходите од продажба на странски пазар отпаѓа 23,3 отсто, другите оперативни приходи учествуваат со 0,1 отсто и финансиските приходи учествуваат со 1,2 отсто. Споредено со истиот период од минатата година зголемено е учеството на приходите од домашен пазар за сметка на приходите од странски пазар – велат во компанијата.

Во трговијата понеповолно од лани

Економската состојба на деловните субјекти од областа на трговијата на мало во второто тримесечје годинава е поповолна во однос на првото тримесечје, но понеповолна во однос на второто тримесечје од 2011 година, сметаат нивните менаџери. Според Државниот завод за статистика, раководителите на деловните субјекти оцениле дека нивната финансиска состојба во второто тримесечје од 2012 година е поповолна во однос на првото тримесечје од 2012 година, како и очекувањата за економската состојба во наредниот период. Нивна оценка е и дека количеството на резервите во текот на второто тримесечје од 2012 година е зголемено во однос на првото тримесечје од 2012 година. Порачките за наредниот период се поповолни, како и очекувањата за бројот на вработените во однос на првото тримесечје од 2012 година. Најголемо влијание на ограничувањето на економската состојба на деловните субјекти во текот на второто тримесечје од 2012 година имале слабата побарувачка на купувачите, 17,5 отсто, зголемена конкуренција, 7,9 проценти, и зголемена понуда на пазарот, 6,4 отсто.

[custom_frame_center]Комерцијална Банка Загуби Над 11 Милиони Евра на Лоши Кредити[/custom_frame_center]

Превземено: www.novamakedonija.com.mk

Датум на објавата: 08.08.2012

Автор: Владимир Николоски

By | 2012-08-09T10:06:11+00:00 09/08/2012|Економија|