Преработувачите на зеленчук и на овошје во државава, по неколкугодишниот пораст, се соочуваат со првиот удар од економската криза што ја тресе Европа. Оваа индустрија почнувајќи од минатата година се соочува со неколку проблеми, кои и ја отежнуваат работата, а најголем проблем на 40-те фирми што работат во државава е ликвидноста. Иако производите што се пласираат од Македонија, од кои најголем дел, околу 50 отсто се преработки од пиперка, се многу барани во земјите од ЕУ и поранешна Југославија, поради заострувањето на условите за водење бизнис, домашните капацитети едвај го пребродуваат овој кризен период. Сезоната на откуп на зеленчук и на овошје е во полн ек. Производството е квалитетно и работа има. Финансискиот теснец меѓу производството и наплатата засега е проблем што со понудените кредитни линии не може да се надмине.
КРЕДИТИТЕ НЕИСКОРИСТЕНИ
Преработувачите стравуваат дека годинава може да извисат во многу зделки поради состојбата во која се наоѓаат. Од една страна, производителите на амбалажа, тегли, шишиња и капаци, бараат што побрза наплата од преработувачите, а од друга страна, странските купувачи на нашите преработки го одлагаат наплатувањето на производите и бараат уште поголеми рокови.
Не помогнале многу ниту десетте милиоии евра наменети за кредити за преработувачите од Македонската банка за поддршка на развојот, бидејќи условите под кои се даваат парите се крајно неприфатливи за фирмите.
Со докапитализацијата на банката што се направи пред неколку месеци во вредност од 10 милиони евра, кои требаше да им се дадат на преработувачите, можеби ќе ни се олеснеше работата доколку условите за добивање на кредитите беа послободни. Најголема пречка за нас е барањето хипотека од прва категорија, т.е. хипотека над објектите, земјиштето или машините. Проблем за фирмите е што над 70 проценти од нив веќе го имаат хипотекирано овој имот кај комерцијалните банки во изминативе години, па сега нема со што да гарантираат за новиов кредит што го нуди МБПР со добар грејспериод и каматна стапка само од 3 отсто. Така, средствата стојат неискористени, а ние се соочуваме со се поголема потреба од пари, кои би ги намениле како обртни средства вели Сашо Ристевски, од Асоцијацијата на преработувачи.
ПРОФИТАБИЛЕН БИЗНИС
Преработувачите предлагаат, на место хипотека над имотот, банката да прифати хипотека над готовиот производ што го имаат, а е наменет за извоз. Така, како што велат, и ќе се подигнат евтините кредити и ќе биде безбедно враќањето на ратите од наплатениот извоз за кој веќе имаат договори.
Статистичките податоци велат дека во државава има нешто над 40 вакви погони, кои се стационирани во јужниот дел на државава, Струмица, Гевгелија и Валандово. Во текот на целата година тие редовно вработуваат околу 1.200 лица, а во сезона на берба на зеленчукот ангажираат околу 3.500 нови сезонски работници. Иако македонските црвени пиперки и феферони доминираат во извозот, над 50 отсто од вкупните извезени преработки, сепак завидно место заземаат и македонската зелка, кромидот, индустрискиот домат во вид на доматно пире, како и модриот патлиџан. Ајварот, киселите пиперки и македонските конзервирани вишни се најбарани во Германија, Словенија и во Србија, кои се наши најголеми извозни дестинации на конзервирани преработки. Само од извозот минатата година оваа индустрија во државава внела 42,3 милиони евра. Лани се откупиле 70.000 тони овошје и зеленчук, од кои се произвеле 52,8 илјади тони готов производ во вид на конзервирано, смрзнато или, пак, сушено овошје или зеленчук. Од нив дури 82 отсто се извезле во земјите од ЕУ и поранешна СФРЈ.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Нова Македонија
Датум на објавата: 10.09.2012
Автор: Жарко Василевски