Во Македонија лесно се отвора фирма, потребен е само еден ден. Не треба ни голем основачки капитал, минимум 5.000 евра. Иако и оваа сума во споредба со земјите од регионот е голема. Повеќе пари за нова фирма треба само во земјите од Европската унија.
Директор се станува за час, но проблемите настануваат кога треба да се тера бизнисот.
Процедурата велат во Централниот регистар е едноставна и со нивната техничка помош за подготовка на документите, се избегнува висењето на шалтери. Решението за регистрирање фирма се добива за ден, а најдоцна два, и им олеснува на македонските граѓани кои се решаваат да почнат сопствен бизнис. Над 95 проценти од трговските друштва кои се регистрираат кај нас се ДОО и ДООЕЛ, а помалку од 5 проценти акционерски друштва. Минималниот капитал кој е потребен за формирање фирма во Македонија е 5.000 евра. Постапката е многу поедноставна од повеќето европски земји, па и од земјите од соседството.
„Фирмата ја отворив за четири дена, а најмногу време потрошив за да ги соберам потребните документи. Побарав помош од адвокат, кој ми ја состави изјавата за основање и ме упати како да постапувам понатаму. Требаше да проверам дали називот на мојата нова фирма веќе се употребува, па и за тоа изгубив малку време. Документите, заедно со процената на имотот што го запишав како основачки влог требаше да се заверат кај нотар. Сето тоа ме чинеше околу 100 евра”, вели скопјанката Ана Михајловска, која неодамна регистрирала фирма. Вели дека решението од Централниот регистар го добила еден ден по аплицирањето. Конечно, со вадењето на печатите, кои ја чинеле 600 денари, ја завршила постапката за основање на своја компанија.
Сета документација за отворање фирма може да се прибави и во регионалните канцеларии на Централниот регистар, информираат од оваа институција. Идните бизнисмени со тоа го избегнуваат лутањето по адвокати и нотари, а ги намалуваат и трошоците.
„Изјавата за основање на новото друштво, како и сите други акти кои се потребни за да се аплицира во Регистарот се добиваат бесплатно и на едно место, каде што можат и да се пополнат”, објаснува директорот на Централен регистар, Ванчо Костадиновски. Постапката продолжува на нотар, каде што се заверуваат потписите на новиот сопственик или сопственици. По поднесувањето на пријавата за регистрирање фирма, која се плаќа 2.400 денари, рокот во кој Централниот регистар треба да издаде решение за основање ново трговско друштво е четири часа.
„Најчесто доколку постапката почне изутрина, решението може да се добие истиот ден. Централниот регистар е поврзан со други инстшуции како Управата за јавни приходи и банките, од кои во текот на постапката треба да добие податоци како даночен број или сметка на новата фирма”, вели Костадиновски. Тој нагласува дека додека трае постапката за регистрација на фирмата, сопственикот може во просториите на Регистарот да почне процедура за издавање печати за новото друштво и да ги добие истовремено со издавањето на решението за основање фирма.
„Електронската постапка е уште поедноставна од класичната, на хартија”, нагласува Костадиновски. Да регистрира фирма онлајн може секој што има електронски потпис и со тоа да заштеди време и пари за одење кај нотар и за посета на шалтерите на Централниот регистар. При користењето на електронската постапка за регистрација, вели директорот Костадиновски, идните сопственици исто така можат да користат бесплатна техничка помош од вработените во Регистарот. Во електронската постапка, регистрирањето фирма чини 2.244 денари. Централниот регистар има попусти за студенти за кои постапката чини 1.199 денари.
„Во моментов чекаме согласност од Владата да ги намалиме цените за студентите. Според предлогот, сега регуларната постапка на хартија ќе чини колку електронската, а цената за онлајн регистрација ќе се намали на 250 денари”, вели Костадиновски. Во текот на регистрирањето фирма, сопственикот може да ја избере и опцијата да го уплати основачкиот влог во рок од една година. Доколку се работи за движен или недвижен имот, кој се запишува како основачки влог, поднесувањето на документот за процена, изготвен од овластен проценител, може исто така да се одложи за една година.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Утрински Весник
Датум на објавата: 28.05.2012
Автор: Сања Наумовска