НБРМ: Банките Ја Задржаа Стабилноста И Покрај Должничката Криза Во Евро Зоната

/, Економија/НБРМ: Банките Ја Задржаа Стабилноста И Покрај Должничката Криза Во Евро Зоната

НБРМ: Банките Ја Задржаа Стабилноста И Покрај Должничката Криза Во Евро Зоната

И во услови на турбулентно надворешно опкружување и неизвесност во врска со должничката криза во евро-зоната, банките ја задржаа својата стабилност, одржувајќи висока солвентност и ликвидност. Македонскиот банкарски систем нема речиси никаква зависност од изворите на финансирање од странските финансиски пазари, што ја минимизира опасноста за прелевање на тековните кризни случувања во евро-зоната во домашниот банкарски сектор, беа заклучоците од средбата на Комитетот за финансиската стабилност, на која се разгледуваа најновите движења во банкарскиот систем.

Активностите на банките продолжија да растат и во првите месеци од оваа година, со слична динамика како и во текот на 2011 година. На 31-ви март оваа година, депозитите достигнаа износ од 237 милијарди денари и во споредба со истиот период лани, се зголемија за 9,8 отсто. Растот на кредитите беше малку побавен во однос на депозитите и изнесуваше 8,3 отсто (март 2012 во однос на март 2011 година).

Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, добро е што и во услови на зголемен ризик во европската економија македонскиот банкарски сектор ја задржува стабилноста, а добро е и тоа што растат депозитите, односно показател за довербата на населението и фирмите во стабилноста на банкарскиот систем  е фактот што во вакви околности има умерен пораст на депозитите кај банките. Тоа, како што додаде, го потврдува и високата ликвидност на банките и стапките на адекваност на капиталот што од друга страна е показател дека добар дел од капиталот на банките може да се доискористи во насока на зголемување на кредитната активност за добри и добро таргетирани квалитетни проекти кои ќе помогнат македонското стопанство и граѓаните полесно да ја пребродат ситуацијата во која се наоѓаме поради последиците од случувањата во Европа.

Значајно, смета министерот,  е што симулациите за евентуални сценарија за развој на ситуацијата со повеќе варијатни покажуваат дека нема ниту една банка во Македонија што би дошла во критична ситуација и оти и граѓаните и фирмите може да бидат спокојни од тој аспект во однос на стабилноста и сигурноста на нивните депозити.

Банките одржуваа стабилна ликвидност, а показателите за ликвидноста се зголемија. Учеството на ликвидната актива во вкупната актива изнесува 31,5 отсто. Исто така, се зголеми и покриеноста на депозитите на населението со ликвидната актива, којашто на крајот на март изнесуваше 61 отсто. Сите банки ги исполнуваат пропишаните минимални стапки на ликвидност во висина од 1, а стрес-тест симулациите покажуваат отпорност на банкарскиот систем на ликвидносни шокови.

Во 2011 година, нивото на ризици на кои се изложени банките во своето работење се задржа во контролирани рамки. Се забележа одредено зголемување на кредитниот ризик, но конзервативноста и внимателноста како на регулативата, така и на банките обезбедуваат целосна покриеност на “лошите“ кредити со издвоените резервации. Учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити на крајот на март 2012 година изнесува 9,9 отсто.

Банкарскиот систем има стабилна и висока солвентност, којашто во првите месеци од 2012 година дополнително зајакна. Стапката на адекватност на капиталот е двапати повисока од пропишаниот минимум од 8 отсто и на 31.3.2012 година изнесува 17,5 отсто. Спроведените симулации на хипотетички шокови покажаа дека банкарскиот систем и поединечните банки се отпорни на влијанието на овие шокови, при што кај ниту една банка стапката на адекватност на капиталот не се намалува под 8 отсто. Отпорноста на банкарскиот систем е потврдена и преку спроведените симулации за испитување на можните канали на пренесување на негативните ефекти на грчката криза и евро-зоната врз домашниот банкарски систем.

Воедно, на средбата беа разгледани и предизвиците за Република Македонија од примената на најновите измени на капиталните и ликвидносните стандарди од Базелската капитална спогодба Базел 3.

[custom_frame_center]НБРМ: Банките ја задржаа стабилноста и покрај должничката криза во евро зоната[/custom_frame_center]

Извор: www.netpress.com.mk

Датум на објава: 22.05.2012

By | 2012-05-22T14:34:48+00:00 22/05/2012|Банки, Економија|