Најновата проекција на Народната банка на Република Македонија за раст на економијата годинава е два проценти, наместо 2,4 отсто колку што беше претходната проекција, а за наредната 3,7 проценти. Нивните најнови расположливи информации упатуваат на задржан континуитет на макроекономските движења, но и на малку поповолен амбиент за спроведување на монетарната политика во 2012 и 2013 година.
Како што се наведува во соопштението од денешната седница на Советот на НБРМ, новата проекција е резултат на послабите остварувања во четвртиот квартал и влошените очекувања за економиите на најзначајните трговски партнери кои покажуваат малку побавно закрепнување на домашната економија од претходно очекуваното.
За 2013 година се очекува дека растот ќе забрза и ќе изнесува 3,7 проценти, согласно глобалното закрепнување и неговото позитивно влијание врз извозниот сектор и домашните потрошувачки и инвестициски одлуки. Се очекува дека за растот на побарувачката во 2012 година и 2013 година ќе придонесе и финансиската поддршка преку кредитниот пазар на банките. – Последните поместувања во кредитната активност, како и целокупното „умерено“ макроекономско сценарио за следните две години покажуваат дека раздвижувањето на кредитната активност во следниот период сепак ќе биде умерено со раст на кредитите од над 7 и 8 отсто, за 2012 и 2013 година. Оценките за инфлацијата се уште се непроменети, при што се очекува дека годишната стапка на инфлација во 2012 година ќе изнесува 2 отсто, а на тоа ниво ќе се задржи и во 2013 година, до кога не се очекуваат позначителни притисоци од страна на побарувачката. Сепак, околу оваа проекција постојат поизразени нагорни ризици, во споредба со претходната проекција кои пак се резултат на неизвесноста околу динамиката на светските цени и нивните директни и индиректни преносни ефекти врз домашните цени, се наведува во соопштенето.
Остварувањата и новите проценки, според НБРМ покажуваат поповолна позиција на билансот на плаќања во однос на јануарските очекувања, како резултат на понискиот дефицит во тековната сметка. Намаленото трговско салдо и остварувањето нето-приливи преку тековните трансфери се повисоки од очекуваните доведоа до надолна ревизија на дефицитот во тековната сметка од 4,5 отсти од БДП во претходната проекција, на 3,2 отсто од БДП за 2012 година. НБРМ смета дека ова, во комбинација со оцените за поволни капитални текови, укажува на понатамошен раст на девизните резерви, во споредба со претходните очекувања. Вакво ниво на дефицит во тековната сметка се очекува и за 2013 година (3,2% од БДП). Во соопштението се истакува дека и покрај тоа што се очекува значителен одлив за исплаќање на долгот на државата (исплата на еврообврзница), сепак и во 2013 година се очекува дополнителен прираст на девизните резерви и нивно одржување на соодветно ниво.
Макроекономската слика за наредниот период, како што информира НБРМ, упатува на бавно закрепнување, ниска и контролирана инфлација, со уште бавни кредитни текови и платнобилансна позиција што обезбедува дополнителни девизни резерви. Овие оценки отвораат простор за монетарно олабавување, како придонес за поголем кредитен раст и со тоа, поддршка на домашната економија. Врз основа на тоа, гувернерот на Народната банка одлучи да ја намали основната каматна стапка на благајничките записи од 4 отсто на 3,75 проценти.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Извор: www.telma.com.mk
Датум на Објава; 03.05.2012