Најголемиот дистрибутер на вино во Кина ќе потпише договор со девет винарски визби од Македонија за извоз на македонското вино од Македонија во Кина.
Како што изјави Владимир Пешевски, Фу Сјуе Ју, претседател на кинеска дистрибутивна винска компанија која за потребите на Кина увезува вино од целиот свет и која има повеќе од 600 дистрибутивни единици, на синоќешната презентација и дегустација во рамки на бизнис форумот во Ченгду, изразил особено задоволство од квалитетот на македонските вина и покажал сериозен интерес за продлабочување на соработката со македонските компании.
– За време на бизнис-форумот во Ченгду беше направена презентација на македонските вина на голем број дистрибутери во Кина, но еден од најголемите од нив што има преку 600 продавници – дистрибутивни центри во Кина беше прилично задоволен од квалитетот и беше договорено дека со сите девет винарии од Македонија ќе потпише договор за извоз на македонското вино од Македонија во Кина, рече Пешевски.
Со тоа, додаде, Владата ќе им помогне и на винската индустрија и на производителите на грозје, но генерално и на македонската економија, ќе придонесе Кина повеќе да се запознае со она што се произведува во Република Македонија.
Во рамки на форумот беа остварени состаноци со повеќе компании од областа на енергетиката, електро и градежната индустрија, недвижностите, како и транспортните системи. Сите се согласиле, информира вицепремиерот, дека е доволно интересно да дојдат во Република Македонија и да ги продолжат разговорите за реализирање на некои од потенцијалните инвестиции кај нас.
Во македонската делегација што ја предводеше Пешевски на деловниот форум во Ченгду, беа и министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Висар Фида. Бизнис форумот го организираше Кинескиот совет за промоција на меѓународната трговија и соработка.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Извор: www.24vesti.com.mk
Датум на објава: 16.05.2012