Построги Правила за Мобилниот Интернет

//Построги Правила за Мобилниот Интернет

Построги Правила за Мобилниот Интернет

АЕК им даде 6 месеци рок на мобилните оператори кои нудат интернет услуга преку таканаречениот 3Г стик. Отсега брзината на овој интернет не смее да биде помала од 1мегабит во скунда. Има и други поволности за корисниците на оваа услуга.

Корисниците на мобилните интернет стикови ќе можат во рок од една недела да земат на тест период стик од мобилниот оператор  доколку не се задоволни од услугата, им се дозволува да го вратат интернет стикот без притоа да имаат обврска да склучат претплатнички договор  ова се најновите измени кои ги донесе Агенцијата за електронски комуникации во Правилникот за општи услови и квалитет на мрежа. Од АЕК велат дека корисникот ќе мора само да го надомести трошокот за искористениот мобилен интернет во текот на тие седум дена. Оттаму објаснуваат дека причина за ваквата измена се големиот број на жалби од граѓаните кои се незадоволни од услугата на мобилните оператори.

Купиле корисниците 3Г стик од некој од трите оператори, почнале да го користат и увиделе дека download брзината или уплоад е недоволна, има брзина од 2Г мрежа, нема широкопјасна брзина, нема брзина од 1 мега бит во секунда, како што треба. Им порачувам на корисниците да внимаваат во моментот кога се во салонот на операторот, може веднаш ќе им биде понуден претплатнички договор, да не го прифаќаат, туку најпрво да побараат тест период од една недела зошто ако го потпишат уште првиот ден договорот после тестот практично не важи, вели директорот на АЕК, Роберт Ордановски.

Директорот Ордановски предупредува дека ќе бидат ригорозни, доколку трите оператори не ги почитуваат измените.

Измените во Правилникот за општи услови се во насока да ги натераме операторите повеќе да инвестираат во тој безжичен интернет и затоа одредивме минимална брзина која треба ја обезбедат на територијата на земјава. Санкциите се од предупредувачко писмо до 7 % од годишниот брутопрофит на операторот, вели директорот на АЕК, Роберт Ордановски.

АЕК им даде шест месечен рок на операторите да се прилагодат на измените. По истекување на рокот, ќе се мерат брзините кои им ги нуделе на корисниците на мобилните интернет стикови.

 

Превземено: Алфа

Датум на објавата: 04.11.2012

Термин: 19.00 часот

Автор: Марија Мининчиќ

By | 2012-11-05T04:41:39+00:00 05/11/2012|Телекомуникации|