Индиската компанија „Сахара Индија Паривар” ќе го реализира во Македонија проектот „Сахарајан Македонија”. Предлогот за инвестицијата бил доставен до премиерот Никола Груевски и до вицепремиерот Зоран Ставрески пред три дена, пренесе вчера државната информативна агенција (МИА).
„Ни претставува голема привилегија што по неколкумесечни подготовки ја составивме визијата на Субрата Рој за локација од светска класа во Охрид и неа ќе ја претставиме на премиерот и на министрите од Владата. Проектот е наречен ‘Сахарајан Македонија’ и ќе се гради на 240 хектари во околината на Охридско Езеро. Ќе содржи хотели од светска класа, казица, станбени и рекреативни објекти и терен за голф по мегународни стандарди”. Ова стои во писмената изјава од канцеларијата на Семанто Рој, извршниот директор и шеф на одделот за меѓународен бизнис на „Сахара Индија Паривар”.
Инаку, проектот за комплексот е на британската компанија „Аткинс”, а предвидува изградба на туристичкостанбен комплекс, кој ќе содржи објекти за рекреација, одмор, терени за голф, спацентри, маринахотели, објекти за забава, казино на вода. Тој содржи и целосна еколошка студија.
Според некои медиуми, Субрата Рој ќе гради кај Љубаништа современ туристички центар, а инвестицијата била тешка неколку десетици милиони евра. Било планирано да се гради на површина од над 5.000 квадратни метри, а се предвидува изградба на хотели, пристаниште, спортски терени, казино и викенднаселба на брегот на Охридско Езеро.
Директорот на Технолошкоразвојни индустриски зони, Виктор Мизо, вчера не сакаше да ја потврди оваа информација објавена во дел од македонските медиуми. „Се додека тоа јавно не го соопштат надлежни од компанијата или од Владата, не би сакал да коментирам предвреме. Инаку, сум целосно и секојдневно вклучен со сите активности околу оваа инвестиција”, изјави Мизо за „Утрински”.
Она што е досега познато и пишувано е тоа дека милијардерот Рој планира во Охридскопреспанскиот регион да изгради македонски Лас Вегас, односно казина, хотели, голфтерени, рекреативни и други објекти. Неофицијално се зборуваше дека во рамки на проектот е предвидена и изградба на жичарница, која ќе ги поврзува Охрид и Преспа.
Инаку, Субрата Рој ја посети прв пат земјава во јуни годинава. Тогаш најави дека е заинтересиран за инвестиции во земјоделството, рударството, туризмот. Потоа во посета на Македонија дојде и неговата сопруга Свапна и синот придружувани од многубројна делегација од бизнисмени од Индија и претставници на нивната компанија „Сахара Индија”.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Утрински Весник
Датум на објавата: 23.11.2012
Автор: М.Т.