Во Македонија има само неколку сали за дегустација на вино иако функционираат деведесетина винарници. За привлекување на винските туристи ни требаат уникатни ресторани и хотелски капацитети кои ќе ги задржат туристите не еден ден, ами барем цел викенд. Ни фалат туристички агенции кои не само што ќе носат македонски туристи во Грција, ами ќе носат и грчки туристи во земјава.
Ни требаат туристички водичи кои ќе имаат унифицирана винска приказна за туристите, но ќе можат да им ги покажат на туристите и белоглавите орли во регионот, со што ќе го збогатат нивниот престој тука. Замислете засега нема ниту една патека по која би можеле од кавадаречка страна да стигнете до скицентарот „Кожуф” иако центарот припаѓа во општина Кавадарци.
Ова се само дел од недостатоците што треба да се надминат за од најголемиот винарски регион во Македонија, кој има огромни потенцијали, конечно да се направи туристичќа атракција, истакнува Александар Ристовски, менаџер за вински туризам на најголемата винарска визба во Југоисточна Европа „Тиквеш” од Кавадарци. Тој ги поздравува активностите на Фондацијата „Тиквешки вински пат” кои придонесуваат што повеќе вински туристи да го пробаат македонското вино. Според него, Тиквешијата треба да го искористи подемот на винскиот туризам во светски рамки и да привлече што поголем број љубители на божествената течност.
За да се постигне тоа, тој нагласува дека мора да се вклучат и други фактори во овој кластер, како локалната самоуправа и невладините организации, кои би придонеле за поголема афирмација на Македонија како винска земја. Вистински кластер во Македонија како оние во странство нема, вели експертот за мали и средни претпријатија Александар Караев. Вистинскиот кластер е како снежниот човек јети. Сите зборуваат за него, а никој не го видел. Тоа е така бидејќи немаме долга историја во развој на кластери.
Иако, рака на срце, морам да признаам дека во земјава има успешни кластерски иницијативи. Но и луѓе што многу малку знаат за кластерите додава Ќараев. Тој ја потенцира потребата од кластерско функционирање во винскиот сектор ако сакаме Македонија да се најде на мапата на светските вински авантуристи. Не смееме да дозволиме да продолжи практиката странски туристи во земјава да сакаат да потрошат пари, а да немаат на што. Треба да им помогнеме да го осознаат нашето богатство дециден е Караев. Дека со заеднички сили на сите фактори на винскиот сектор треба да се промовира македонскиот вински туризам се соѓласува и Николина Трајановска од Министерството за економија.
На пример, би било одлично да се исфрли бренд „тиквешки вранец”, кој би бил стандардизиран белег за нашето вино. Имаме прекрасни производи од грозје, треба само уште приказна која ќе го следи брендот. Секој производ е како бебе кое треба да се негува. Тој исто така мора постојано да се збогатува со иновации. Тука треба да се насочи енергијата во кампањата за афирмација на виното од Македонија децидна е таа. Според неа, за да се усвои програма на кој било кластер од страна на Министерството, најпрвин треба да има членки и соработка со истражувачки институции.
Доброто функционирање на кластерот се потврдува и преку реализираните активности и меѓународната соработка, поврзаноста на членките во кластерот и успехот на пазарот, евентуалните донации. Сите овие успешни активности носат поени при оценувањето на кластерот во Министерството. Со најмалку 80 отсто поени проектот на одреден кластер добива виза во Министерството за да биде разгледан и оценет, а ако се аплицира со иновативен проект, тогаш успехот е загарантиран.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Економски (додаток на Дневник)
Датум на објавата: 12.03.2012