[custom_frame_right]
[/custom_frame_right] Здружението на приватните електронски медиуми на Република Македонија (ЗПММ) вчера се формираше во Битола.
По изборот на органите и усвојувањето на Статутот и Програмата за работа, ЗПММ соопшти дека приоритетна активност ќе му биде решавањето на проблемот со трошоците кои во последно време им се наметнати на медиумите.
– Потребата за формирање вакво здружение е оправдана и навремена пред се заради решавање на наталожените проблеми во оваа област, но и за подигање на соработката меѓу медиумите на повисоко ниво. Целта е да се создаде тело од професионалци во својата работа кои ќе можат да посочат на конкретните проблеми на медиумите во државата, особено во помалите средини, кои се подалеку од најголемите и најважните збиднувања за оваа област, истакна Сашо Митаноски, првиот претседател на ЗПММ и главен и одговорен уредник на охридското Супер радио и агенцијата ИНПРЕС.
Според него, во оваа сфера има многу недоречености и предизвици кои мора да се надминат.
– Првиот чекор е да се заземе став во врска со старо-новото здружение ММИ чии фактури наскоро ќе почнат да пристигнуваат. Во овој дел од нашата „борба“ сојузници ни се сите фирми во државата, пред се хотелиерите, но и сите, од најмали до најголеми бизниси, кои во оваа ситуација во која е во моментов целото стопанство, ќе треба да издвојуваат значителни сретства и за оваа намена. Сметаме дека во тарифникот на ова здружение има многу недоречености и многу работи тука може да се исправат, рече Митаноски.
ЗПММ за следната недела најавува средби со министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска под чиј ресор е издавањето на дозволата на здружението ММИ, кое ќе наплаќа авторски права, паралелно со досегашниот носител на овие права ЗАМП, но и со првите луѓе на Советот за радиодифузија на Република Македонија.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: www.brkajrabota.mk
Датум на објавата: 21.10.2012