Македонските граѓани од почетокот на годинава се помалку зборуваат и испраќаат СМС од мобилните телефони во обид да заштедат некој денар, притиснати од секојдневното зголемување на цените на животните продукти. Поплаките на телекомуникациските компании дека нивните услуги се помалку се користат поради економската криза, се потврдуваат и со официјалните бројки на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за движењата на пазар за првото тримесечје од 2012 година и финансиските извештаи на операторите.
Така, извештајот на АЕК покажува дека корисниците ги менуваат навиките на употреба на мобилните телефони и се повеќе избираат броеви само во сопствената мрежа при што ги користат актуелните понуди на операторите за бесплатни повици или со големи попусти за вакви разговори. Ова придонесе да нема голема разлика во однос на времетраењето и бројот на овие повици во однос на лани. Но, затоа корисниците се помалку вртат кон броеви во друга мрежа, при што е регистрирано намалување на повиците од 8,35 отсто, кон фиксни броеви (4,82 отсто) и кон странство (8,98 отсто).
Во првите три месеци од годинава, бројот на корисници на мобилната телефонија изнесува 2.197.148 и е намален за 0,73 отсто, бројот на повици е нaмален за 2,52 отсто, а кај сообраќајот во минути има намалување од 0,46 отсто. Исто така може да се забележи намалување на бројот на испратени СМС кое изнесува 0,70 отсто во однос на претходниот квартал. Иако ова се многу мали проценти, сепак укажуваат на фактот дека корисниците удриле на штедење и операторите ќе мора да се борат за секој од нив. Овој негативен тренд го потврдуваат и финансиските извештаи на операторите во кои како причина за слабите приходи се.наведуваат намалената куповна моќ на граѓаните и силната конкуренција на пазарот.
“Според финансискиот извештај за првиот квартал од годинава, приходите на T-мобиле Македонија” се намалени поради интензивната конкуренција на цените. Во извештајот се вели дека опаѓањетo на приходите најмногу се должи на помалиот обем на користење на говорните услуги, главно како резултат на намалениот број на базата на корисници. Освен тоа, се наведува дека просечниот приход по корисник е намален за 11,9 отсто. Сепак, во Т-мобиле велат дека со 1.223.000 претплатници на крајот на јуни 2012 година ја држат водечка позиција со 49,9 отсто удел на пазарот.
Телекомуникацискиот оператор Оне по катастрофална 2011 година, која ја заврши со загуба од 80 милиони евра, во првото тримесечје забележа благ раст на приходите. Во извештајот се вели дека лошите резултати на македонскиот пазар се должат на ризикот од миграција кон други оператори, како резултат на агресивниот приод на конкуренцијата, како и поради пониските приходи кој се должат на општата економска криза и лошата домашна економска состојба и опаѓањето на куповната моќ.
Единствено Вип во овој период ја зацврстува позицијата на пазарот за мобилна телефонија, што веројатно се должи и на повластената позиција што ја имаше како најмлад оператор поради што добиваше асиметрични цени за интерконекција. Вип во првите шест месеци од годинава оствари пазарен удел од 26 отсто и ја одржи втората позиција. Приходите им бележат раст од 10,4 отсто и изнесуваат 14,6 милиони евра како резултат на зголемувањето на корисничката база, поголемиот сообраќај и приходите од интерконекција.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Дневник
Датум на објавата: 06.09.2012
Автор: Марјан Блажевски