Мобилните телефони последниве години речиси комплетно ги истиснаа од употреба јавните телефонски говорници во главниот град. Ако некогаш се чекаше ред за да се телефонира од говорниците, сега тие се празни и вистинска реткост е да се види како некој ги користи.
Повеќето од јавните телефонски говорници се уништени, со искинати кабли, искршени слушалки и без сигнал. И оние малку што се во употреба ги одвраќаат граѓаните бидејќи се нечисти, исчкртани со графити, а на некои места, пак, говорниците се непристапни за граѓаните поради одредени градежни работи изместени од првобитната местоположба.
Во трафиките речиси не се продаваат картички за телефонирање од јавните говорници.
Продажбата на картички за јавните говорници е минимална, има денови, па и недели, кога воопшто не се продава ниту една картичка. Скопјани ретко ги купуваат, обично се случува да купи телефонска картичка некој што не е од Скопје, студенти или, пак, странец. Мобилните телефони си го направија своето, кога се поставија новите говорници, поточно тие што сега се уништени и кога беше луксуз да се има мобилен телефон, тогаш повеќе се продаваа картичките за јавните говорници вели продавач во трафика во центарот на градот.
Јавните телефонски говорници, не само оние што се наоѓаат во Скопје, туку и во целата земја, се под надлежност на „Македонски телеком”. Говорниците се опфатени и во договорот што оваа компанија го склучи со Агенцијата за електронски комуникации за обезбедување универзална услуга, кој, меѓу другото, предвидува и модернизација на јавните телефонски говорници, која треба да почне од почетокот на следната година.
Обврската на давателот на универзална услуга вклучува и барање одреден број говорници да имаат можност за пристап на корисниците со посебни потреби. Овие говорници ќе се постават врз основа на соработка и во координација со Здруженијата на лица со посебни потреби. „Македонски телеком” е во фаза на модернизација на својата мрежа на говорни услуги, при што во моментот се врши миграција на корисниците на нова платформа, која се базира на Интернетски протокол. На оваа платформа треба да бидат поврзани и јавните говорници. За таа цел се планира да се изврши тестирање нови типови говорници. Во согласност со резултатите од тестирањето, ќе се одредат и понатамошните чекори во смисла на надоградба за поврзување на постојните говорници на новата платформа и набавка на нови велат од „Македонски телеком”, од каде што додаваат дека е во план демонтажа на нефункционалните говорници.
На територијата на Скопје има околу 200 говорници, од кои повеќе од половина не се во функција поради вандалско оштетување од несовесни граѓани. Говорницитее се набавени во 2003 година од британската компанија „Маркони” со еврочип-картички. Тогаш се поставија 1.060 низ целата земја, од кои 600 се монтирани во Скопје. Картичките за разговор од јавните телефонски говорници, во вредност од 150,250 и од 500 денари, се уште можат да се купат во продавниците на „Телеком” или, пак, во продажната мрежа на овластени партнери.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Ден
Датум на објавата: 30.07.2012
Автор: Соња Т. Јанковска