Струјата ќе поскапи за 9,85, а парното за 3,13 отсто. Ова, како што се дознава, денеска ќе го соопшти Регулаторната комисија за енергетика, која има закажано седница на која ќе бидат повикани и претставници на компаниите кои пријавија поголеми трошоци. На седницата се поканети и претставници на Организацијата на потрошувачи, меѓутоа, тие, како што се дознава, нема да присуствуваат затоа што вчера го добиле материјалот и немаат време за никаква подготовка.
Се дознава и тоа дека во декември нема да има нова корекција на цената на струјата, односно ваквите цени ќе останат до истиот период идната година. Нормално, доколку не се случат некои екстремни ситуации.
Со оваа одлука во поглед на струјата, регулаторите всушност направија баланс меѓу она што го бараа ЕВН и ЕЛЕМ според чии пресметки, како што се дознава, се сметало на корекција од 15 отсто и социјалниот момент во државава. Односно, РКЕ не ги признапа сите трошоци што ги имаат прикажано компаниите.
Двете компании уште минатиот месец доставија свои пресметки за трошоците, кои, според нив, биле поголеми од она што претходно било планирано поради вонредниот увоз на струја што беше направен во февруари поради екстремно ниските температури и зголемената потрошувачка. Поради големата побарувачка во регионот, тогаш и цената на струјата на енергетските пазари нагло порасна.
Инаку, цената на струјата порасна и во сите земји од регионов. Во Бугарија кај струјата за домаќинствата скокот е за 13 отсто, а за бизнискорисниците за 20 отсто. Во Црна Гора таа поскапе за 20 отсто, а во Босна и во Хрватска, исто како и кај нас, за 10 отсто.
Македонија и со најновото поскапување ќе има релативно пониска цена на струјата отколку земјите во регионов. Кај нас моментално кај домаќинствата киловат-час чини 6,44 евроценти, а со зголемувањето од 10 отсто, цената ќе биде околу седум евроценти. Моментално еден киловат-час електрична енергија за домаќинствата во Црна Гора чини 7,57 евроценти, Во Бугарија 8,22, Во Хрватска 9,63, во Турција 9,20, во Албанија 9,64, во Грција 10,03 и во Словенија 10,49 евроценти.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Дневник
Датум на објавата: 25.07.2012
Автор: Зденка Павковиќ