Австриската осигурителна компанија „Винер“ дала неформална понуда за откуп на акциите на „КЈУБИ Реосигурување“ Даблин, Р Ирска во „КЈУБИ Македонија“, дознава МКД.МК од извори во осигурителниот бизнис.
„Винер“ е веќе присутен на македонскиот осигурителен пазар преку компанијата „Винер oсигурување“. Менаџментот на „Винер oсигурување“ за МКД.МК одби да коментира дали нивната централа од Австрија дава понуда за преземање на „КЈУБИ Македонија“, но не ја демантираше информацијата.
Во својата изјава менаџментот на „Винер oсигурување“, компанијата што во Македонија влезе преку преземање на „Сигма осигурување“ пред четири години, соопшти дека нема коментар за прашањето во врска со преземањето на „КЈУБИ Македонија“ и за плановите во иднина додаде:
– Ние сме убедени дека ќе продолжиме да ги остваруваме и да ги надминуваме поставените планови. Ако ја земеме прогресијата на растот на нашата компанија во изминатите години, но и фантастичниот резултат од првиот квартал од 2012 година – полисираната премија од 209 милиони денари, јасно е дека пред нас е еден голем предизвик. Што се однесува до сегментите на пазарот, наше огромно задоволство е што Винер Осигурување има мошне висок процент на осигурувањето на имот во структурата на премијата, односно што незадолжителното осигурување, како суштински сегмент на пазарот одлично го покриваме. Тој податок говори дека оние со висока свест за неопходноста од осигурување ја даваат довербата токму на нашата компанија. Во таа насока би го истакнале и осигурувањето од одговорност, со кое професионалците се максимално заштитени од грешки во работата, и кое во западните земји веќе е неопходен услов речиси во сите професии. Тој тренд, со последните законски измени веќе е присутен и кај нас, а нашиот продукт за овој тип на осигурување, како најконкурентен на пазарот ни да дава право да гледаме на овој сегмент на пазарот како сигурен суплемент на идниот раст на Винер осигурување, пишува во известувањето на менаџментот.
Претседател на управниот одбор на „Винер осигурување“ е Зоран Нарашанов, кој пред да ја води „Сигма“, а потоа и „Винер осигурување“, работел на менаџерски позиции во „КЈУБИ Македонија“ и во „Македонски телеком“.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: www.mkd.mk
Датум на објавата: 21.05.2012