Златните резерви скокнаа за 6,8 милиони евра

//Златните резерви скокнаа за 6,8 милиони евра

Златните резерви скокнаа за 6,8 милиони евра

Народна банка во јануари продала 1.000 унци (една унца = 31,1 грам) од монетарното злато, објавува германски Дау Џонс повикувајќи се на официјални податоци од Меѓународниот монетарен фонд, Според кои во моментов монетарното злато на Македонија е намалено на 218,000 унци. Според Дау Џонс, должничката криза влијаела на државните резерви што ги имаат земјите во долари и во евра, поради што, како реакција, централните банки на земјите во развој купувале злато. Од Народна банка, пак, велат дека тргувањето со злато е за чисто оперативни цели.

– Резервите на злато на НБРМ изнесуваат 218.000 фини унци и се непроменети од октомври 2005 година. Стратегиската определба на НБРМ е да не ја намалува количината злато што ја има. За оперативни цели, при управувањето со девизните резерви НБРМ врши купопродажба од привремен карактер. Во ноември 2011 година купи 2.800 унци, кои беа продадени во две трансакции во декември 2011 година и во јануари 2012 година. Продажната цена беше повисока од куповната, при што е остварена позитивна разлика одговараат од Народна банка.

Народна банка од тргувањето со злато заработила 6,8 милиони евра. Во ноември, кога НБРМ го купила златото, девизните резерви во злато изнесуваа 282,45 милиони евра, а на крајот на јануари, кога беше продадено купеното злато, депозитите во злато и свопот во злато вредеше 289,33 милиони евра, покажуваат податоците од НБРМ.

Покрај Македонија, во овој период со злато тргува-ле централните банки на Казахстан, Турција и на Белорусија.

Учесниците на пазарот за германски Дау Џонс анализираат дека тргувањето со злато од страна на централните банки на земјите во развој има клучно влијание врз цената на златото бидејќи не само што ја апсорбира понудата туку и ги поттикнува инвеститорите да вложуваат во метали. За разлика од Македонија, Казахстан, Белорусија и Турција во овој период не го продале златото што го купиле. Резервите во злато на Казахстан се зголемени за 245,000 фини унци и во моментов изнесуваат 2.881 милиони унци, покажуваат податоците од ММФ. Со ова Казахстан е на 37. место на земји што имаат најголеми резерви во злато. Белорусија, која е 45. најголем сопственик на злато, ги зголеми своите резерви од 161,000 унци на 1.371 милиони унци. Турција, пак, пријавила зголемување на своите резерви во злато во висина од 132,000 унци и во моментов има 6.412 милиони унци.

Превземено: Фокус Дневен

Датум на објавата: 07.03.2012

Автор: Наталија Скалова

By | 2012-03-07T08:13:15+00:00 07/03/2012|Банки|