Премиера – Citroen DS5

//Премиера – Citroen DS5

Премиера – Citroen DS5

Најекстравагантниот, најголем и најпремиум производ во DS линијата, пристигна и на нашите патишта.

Иновативен и визионерски, со скулптура како извајана од најголемите светски мајстори, DS5 предизвикува сензација уште на прв поглед, но ниту тоа не е споредливо со чувството кога ќе се влезе во внатре…

Тука, владеат луксузот и елеганцијата, но на едно друго ниво, кое можат да го доловат само Французите. Седиштата се пресвлечени во кожа а-ла најскапите рачни часовници, нешто што досега не сме го виделе во ниту еден автомобил и детаљ кој остава посебен естетски впечаток и висока доза на луксуз.

Луксузот кај DS5 е надополнет и со извонредно пространата внатрешност – кралски се седи и напред и назад, како кај популарните Citroen-и од времето, како „Ајкулата“, а дополнително чувство на комфор дава и стаклениот покрив составен од три извори на светлина (0,58m2 стаклена површина) засебнo прилагодувани за да создадат оргинален амбиент дење и ноќе…. Багажникот брои одлични 468 литри. А дека ова не е само обичен крстосувач во кој ќе уживаат само патниците, најдобро говори возачката позиција и поставеноста на средната конзола, како кај чистокрвните спортски автомобили… Всушност, средната конзола има и горен дел, кој се наоѓа на покривот, со прекинувачи како во борбените авиони!

DS5 сепак е многу повеќе од само луксуз и екстраваганција. Најпремиум моделот во гамата на Citroen, воедно ги претставува и сите технолошки новитети на производителот. На пример, системите за контрола на пролизгувањето и за ненамерно преминување лента се од најновата генерација, светлата се вклучуваат и исклучуваат автоматски зависно од сообраќајот и автомобилите отспротива, а ќе биде понуден и хибридниот дизел со 200 КС и емисија на CO2 од само 99 g/km, помалку и од градските автомобили… Во DS5 ќе биде дури и понудена Wi-Fi конекција за четири уреди (преку 3G картичка), како и приклучок од 230 V, во случај да не сакате да се избричите или исфенирате…
Кога сме веќе кај моторите, покрај хибридниот дизел, ќе бидат понудени и по два турбо бензинци и турбо дизели. Бензинците ќе бидат две варијанти на 1,6 литарската турбо единица, со 156 КС и 240 Nm (само со автоматски менувач со 6 степени), односно 200 КС и 275 Nm, доволни за забрзување до стотка за 9,7, односно 8,2 секунди и максимална брзина од 202, односно 235 km/h. Просечната потрошувачка ќе биде 7,1, односно 6,7 литри на 100 km.

Дизелите се застапени со економичниот агрегат од 1,6 литри и со сила од 110 КС и моќниот 2,0 агрегат со сила од 163 КС, доволни за забрзување до стотка за 12,4, односно 8,8 секунди и максимална брзина од 191, односно 215 km/h. Послабиот мотор ќе троши 4,4 литри во просек, додека посилниот 4,9. Со посилниот дизел мотор во понуда ќе биде автоматски менувач со шест степени, додека со сите други мотори, мануелен менувач со шест степени на пренос.

Хибридниот модел се состои од турбо дизел мотор со 160 КС и електричен мотор од 37 КС, сместен на задната оска, за вистински погон на сите четири тркала. Хибридниот модел може да се движи и само на погон на струја до 3 km при брзини не поголеми од 60 km/h. Забрзувањето до стотка ќе изнесува 8,6 секунди, додека максималната брзина 211 km/h. Комбинираната потрошувачка на хибридот ќе изнесува извонредно ниски 3,8 литри на 100 km, односно 3,9 во град и 3,7 на отворено. Технологијата Hybrid4 нуди multimode возење. Возачот може мануелно да одбере помеѓу 4 начини на функционирање : Auto, ZEV (само струја), погон на 4 тркала и Sport.

Благодарение на компактните надворешни димензии, односно должината од 4,53 метри, DS5 ветува динамички карактеристики како ниту еден друг модел во класата, односно ниту еден друг модел со „издаден“ багажник. Згора на тоа, помалите димензии придонесуваат и за подобри перформанси и пониска потрошувачка во однос на конкуренцијата. Нормално, високите нивоа на удобност треба да се очекуваат од секој Citroen – Французите најдобро го прават тоа.

Цените на DS5 почнуваат од 29.900 евра за дизел моторот со 110 КС и 33.000 евра за бензинецот со 156 КС и автоматски менувач, до 55.000 евра за Hybrid Airdream моделот со хибриден дизел погон. Сериската опрема Chic вклучува автоматска двозонска клима, целосна електрика, 17 инчни алуминиумски тркала (16 кај дизелот со 110 КС), стартување и влегување без клуч, патен компјутер, радио со CD+MP3+AUX+USB, 6 воздушни перничиња, ABS+ESP+REF+AFU, темпомат, внатрешен електрохроматски ретровизор, внатрешна ткаенина Armucara Mistral, хромирани лајсни, кожен волан и менувач… Навистина богата опрема за премиум модел – конкурентите за повеќе од половина од ставките, бараат доплата…

Навистина, сензационално е чувството да се погледне DS5, а уште повеќе да се седне во него – овој модел е единствен во адутите кои ги има, сериозно истапувајќи пред, ќе се осмелиме да кажеме, стерилната германска конкуренција… Всушност, покрај DS5, веќе се изгледа стерилно! Затоа, трк до салонот на Citroen за сами да го почувствувате тоа!

httpv://www.youtube.com/watch?v=_nh0LAxeu1M

httpv://www.youtube.com/watch?v=8-YQG2iKEw4

 

[custom_frame_center]Премиера - Citroen DS5[/custom_frame_center]

Извор: www.tocka.com.mk

Датум на објава: 29.05.2012

By | 2012-05-29T15:25:50+00:00 29/05/2012|Автомобили|