Откупната цена на млекото во последните неколку години и покрај ограничената понуда е стабилно ниска. Зголемениот увоз на млеко и млечни производи и неприменувањето на правилниците за квалитет го уништува домашното производство на млеко.
Ниска откупна цена, намален сточен фонд, зголемување на увозот на млеко, намалување на откупот на домашно млеко. Ваква е состојбата со производството на сурово млеко во државата. Кризата во млечната индустрија, која порано се рефлектираше со фрлање на вишоците, сега се рефлектира со стагнација на производството, преполовување на сточниот фонд и пропаѓање на фармите поради непрофитабилно работење.
Ниската откупна цена, која наместо пазарот ја диктираат млекарниците, и скапата сточна храна го уништи домашното производство на млеко. На сметка на тоа сè повеќе расте увозот на млеко и млечни производи, што автоматски ја уништува домашната млечна индустрија.
Во очекување на нови играчи на пазарот и рестартирање на Сведмилк, фармерите очекуваат кризата со недостиг од суровина уште повеќе да се заостри, а наредните два-три месеци се клучни за секторот. Или ќе преживеат или целосно ќе пропаднат.
Според податоците од Државниот завод за статистика, од 2006 година, откако државата почна да исплаќа субвенции во земјоделството, бројот на крави и стелни јуници е намален за 24,9% на вкупно 131.000 во 2011 година, што е пад од 2,8%. Во исто време, споредено со 2007 година, кога беше врвот на производство на млеко поради работењето на Сведмилк, производството на млеко е зголемено за само 0,6%, на нешто повеќе од 376.000 литри годишно.
Од друга страна, откупот на сурово млеко (кравјо и овчо) од 2006 година до лани се намали за 43%, а увозот на млечни производи во истиот период се зголеми за 47%.
Состојбата на пазарот критична, а уште поголем шок се очекува годинава. Производството продолжува да опаѓа. Фармерите алармираат, млечниот сектор ќе западне во уште поголема криза од онаа по пропаѓањето на Сведмилк.
„За два-три месеци очекувам голема криза за млеко. Ќе снема суровина на пазарот. Недостиг има и сега, но за два-три месеци кога ќе се намалат приносите по грло, ќе се случи уште една криза, овојпат ќе има недостиг на пазарот“, вели Стевче Пивковски, фармер од Битолско.
Тој своето млеко го предава во Битолска млекара, но вели дека со она производство на суровина што сега се достигнува на македонскиот пазар не се задоволуваат ни 80% од побарувачката на млекарниците. Вели дека цената е многу ниска и дека наместо пазарот, ја диктираат млекарниците.
„Иако сега има голема побарувачка на суровина, последните неколку години цената е ниска. Наместо откупната цена да ја формира пазарот, кај нас ја одредуваат млекарниците. И затоа наместо да расте, таа стагнира. По пропаѓањето на Сведмилк, фармерите се неорганизирани и не сме здружени да се побуниме за повисоки цени, а тоа го користат млекарниците“, вели Пивковски.
Кризата со откуп на млеко допрва доаѓа
Најголемиот проблем на ваквата состојба на пазарот фармерите го детектираат во тоа што не се применуваат правилниците за квалитет на млекото. Велат дека млекарниците не откупуваат млеко според правилниците и затоа даваат ниска откупна цена. Од друга страна, зголемените трошоци за сточна храна, која станува сè поскапа, ги уништува фармите коишто работат на работ на рентабилност и никој не се одлучува да инвестира во зголемување на стадото, бидејќи немаат пари. Велат дека ваквата кризна состојба ќе потрае уште неколку години.
„Не се применуваат правилниците за квалитет на млеко, тоа не ни одговара на нас големите фармери. Има голема побарувачка на млеко, но цената е иста. Во исто време расте увозот на млеко. Ова производство на сурово млеко што го имаме сега не задоволува ни половина од побарувачката на домашните млекарници. Работат со пола од капацитетите“, вели Јетон Зекман, фармер од битолското село Доленци, кој е сопственик на фарма со стотина крави.
Тој очекува по влезот на Суташ и најавената млекарница која за еден месец планира да ја отвори Живко Радевски, да има нагорен тренд кај откупната цена на млекото, но стравува дека ќе расте и увозот.
„Критично ќе биде во август и во септември, кога поради топлото време ќе се намалат приносите по грло до 40%. Криза е неизбежна, а верувам дека ќе потрае две-три години. Неопходно е државата преку системот да го стабилизира пазарот. Фармерите не набавуваат крави затоа што не им е профитабилно производството, скапа е сточната храна, евтина е откупната цена на млекото, не им е профитабилно да инвестираат“, вели Зекман.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: www.kapital.mk
Датум на објавата: 28.05.2012
Автор: Aлександра Спасевска