Инспекторите Откриле „Дупки” во Нафтата

//Инспекторите Откриле „Дупки” во Нафтата

Инспекторите Откриле „Дупки” во Нафтата

Шест компании од нафтениот бизнис во земјава можат да ја загубат лиценцата за работа затоа што го прекршиле законот. Државниот пазарен инспекторат утврдил дека шесте компании или не ги користат резервоарите за нафта или немаат оперативни резерви од нафтени деривати за покривање петдневен просечен обем на трговија.

Поради тоа, Регулаторната комисија за енергетика поведе постапка за одземање на лиценците на увозниците на нафта на големо „Алма комерц” од Неготино, „Диме петрол”  с. Мешеишта, „Еми петрол” од Радовиш, „Еуро петрол” од Кочани, „Пуцко петрол” од Македонски Брод и „С-Игор” од Кичево. Сепак, регулаторите им оставаат можност на компаниите во рок од 6 месеци да се поправат, односно да ги отстранат неправилностите за да не ја изгубат лиценцата.

Во овие 6 месеци тие треба да ги отстранат сите недоследности. Ние работиме согласно правилникот, според кој за тој период дадена е можност да се отстранат сите недоследности што се појавиле како причина за отпочнување на постапката за одземање на лиценцата  објаснуваат од Регулаторна.

Ваквата одлука следува откако Пазарниот инспекторат, при контролите на сите увозници во земјава на нафта и нафтени деривати на големо, кај овие 6 утврдила дека неправилно ги користат лиценците.

Ние поднесовме иницијатива до Регулаторната комисија за енергетика да ги преиспита лиценците на овие 6 компании. Регулаторна има правилник по кој треба да постапува и не можам да коментирам која постапка ќе ја тера Регулаторна, тоа не е наша надлежност.

Нашите контроли на сите увозници на нафта и нафтени деривати на големо покажаа дека некои увозници неправилно ги користат лиценците. Имено, согласно Законот за енергетиката, сите оние што добиле лиценца мора да ги исполнуваат пропишаните услови. Нашите контроли покажаа дека резервоарите, кои тие законски мора да ги имаат, воопшто не ги користат и немаат петдневни оперативни резерви на нафта и на нафтени деривати  изјави директорката на Пазарниот инспекторат, Елизабета Чингаровска.

[custom_frame_center]Инспекторите Откриле „Дупки" во Нафтата[/custom_frame_center]

Превземено: Дневник

Датум на објавата: 16/17.06.2012

Автор: Александра Филиповска

By | 2012-06-16T04:41:32+00:00 16/06/2012|Нафтени деривати|