Скопје Сити Мол го Добива Финалниот Лик

//Скопје Сити Мол го Добива Финалниот Лик

Скопје Сити Мол го Добива Финалниот Лик

Во тек се завршните работи на Скопје сити мол, кој според најавите, треба да биде максимално енергетски ефикасен објект со вкупна површина од 90.000 метри квадратни. Изградбата на објектот чини 70 милиони евра, а за посетители ќе се отвори наесен

Финишира изградбата на најголемиот трговски центар во земјава, Скопје сити мол. Во внатрешниот дел веќе се гледаат имињата на голем број брендови кои закупиле простор, а трговскиот доби и извршен директор. Ивајло Иванов од Бугарија, кој претходно работел за најголемата европска групација, Шварц груп и бил извршен директор во Мол оф Варна (Mall of Varna), е назначен за извршен директор на Скопје сити мол.

Претставувајќи ги бенефитите што ќе ги понуди трговскиот центар, Иванов најави уникатно шопинг-искуство со многу ресторани кои ќе имаат летни тераси.

„За прв пат ќе имаме книжарница на површина од 200 метри квадратни, која ќе понуди различни содржини на книги. Тоа значи дека Скопје сити мол нема да биде само место за шопинг, туку и за забава и социјален живот, бидејќи не зависи од временските услови, а ќе работи од 9 часот наутро до 12 часот навечер“, додава Иванов.

Се смета дека Скопје сити мол ќе биде главен мотор на економијата во Скопје, бидејќи планира да отвори 2.000 работни места. Наскоро закупците ќе ги објават и првите огласи за вработување. Според информациите од менаџерите, речиси 90% од вкупниот деловен простор веќе е изнајмен, но не смеат да ја објават цената за изнајмување, бидејќи склучените договори имале клаузула за доверливост.

Таргет на Скопје сити мол се купувачите од Косово и од Србија

Од вкупно 150 брендови-закупци во Скопје сити мол, 40 се интернационални, кои прв пат влегуваат во земјава, а останатите мигрираат од другите трговски центри. „Капитал“ беше во обиколка на Скопје сити мол. Кога ќе влезете низ главниот влез од страна на улицата Љубљанска, се забележува логото на кафулето Тренд, кое веќе е закупец во трговскиот. Понатаму се редат останатите брендови.

Надворешниот дел ќе има неколку кафе-барови и места за седење. Едниот од двата главни влеза, кој гледа кон улицата Љубљанска, веќе има поставена фасада, која е целосно во стакло. Од страна на улицата Манапо ќе се гледа хипермаркетот Карфур, а од иста страна на два ката ќе се наоѓа и Зара. Хипермаркетот ќе биде на површина од 4.000 метри квадратни, а продавницата на Зара ќе зафаќа 2.190 метри квадратни, што ја прави најголемата на Балканот.

Трговскиот центар, освен продавници, ќе обезбедува и простор за разонода и животен стил, кој ќе вклучува барови, места за храна, кафулиња, ресторани, сала за куглање, центар за забава и најсовремено 3Д-кино со девет сали за проекции. Очекувањата се дека трговскиот центар ќе ја стави Македонија на мапата на највозбудливи шопинг-дестинации во регионот, а ќе биде особено атрактивна за граѓаните од Косово, за кои инвеститорот смета дека се потенцијални купувачи, главно поради близината на магистралниот пат кон Приштина.

И Armani Jeans дел од Скопје сити мол

Меѓу брендовите кои ќе бидат дел од Скопје сити мол се и брендовиte Уименс сикрет (Women’s secret), Џовани Гаел (Giovanni Gail), Гес (Guess), Селио (Celio) и Камајо (Camaieu), Пениблек (Pennyblack), дел од Макс Мара фешн груп, германскиот синџир на продавници за козметика ДМ (DM), Лагерфелд (Lagerfeld), но и познатиот бренд Армани џинс (Armani Jeans) и други. Освен новите брендови, кои за првпат се отвораат во Македонија, свои продавници во Скопје сити мол ќе имаат и добро познатите Бела (Bella), Наутика (Nautica), Адидас (Adidas), Најки (Nike), Мотиви (Motivi), Арабеск (Arabesque), Кајла (Killah)…

 [custom_frame_center]Скопје сити мол го добива финалниот лик[/custom_frame_center]

Извор: www.kapital.mk

Датум на објава: 28.06.2012

By | 2012-06-28T13:46:29+00:00 28/06/2012|Маркети|