Пазарските Фрижидери Испаруваат на 40 Степени

//Пазарските Фрижидери Испаруваат на 40 Степени

Пазарските Фрижидери Испаруваат на 40 Степени

Урда, сирење, јајца, кондиторски производи, суџук, кифлички, се само дел од производите што на 40 степени се „печат” по пазарските тезги. Портокаловата фаза ги зовре и фрижидерите на пазарите кои сопственикот мора да им ги обезбеди на пазарџиите. Така, ако поминете наутро кога поминуваат и инспекторите, фрижидери има и работат, а ако се вратите попладне, ќе начекате само варени јајца и млеко што веќе е претворено во урда.

Во Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека сите пазари се задолжени да им обезбедат на своите закупци соодветен простор за продавање, односно разладни уреди за лесно расипливата стока. Не демантираат дека има случаи на продажба на вакви производи по пазарите, но тврдат дека тие се надвор од оградениот простор во кој се тезгите. „Дневник” вчера беше во обиколка на скопските пазари. Имаше што да се види. Под лимениот покрив на тезгите, на 40 степени граѓаните може да купат дури и неварено млеко во шишиња, чоколади и сокови.

Речиси сите пазари во Скопје веќе имаат инсталирани системи за ладење во кои се продаваат јајца и сирење. Слична е состојбата и во другите делови на државата. Кога сме правеле контроли, се било во ред  велат во Агенцијата. Оттаму тврдат дека на тезгите на пазарите нивни инспектори не нашле расипана стока, иако температурите последниве две недели се над 35 Целзиусови степени.

Контроли има постојано, но не сме нашле расипана храна на тезгите. Свесни сме дека се продаваат јајца на тезга, но тоа се индивидуални земјоделци кои имаат свое производство кое инцидентно го продаваат по тезгите. Тие најчесто продажбата ја завршуваат до 10 часот наутро кога температурите се пониски и си заминуваат. Ние немаме право да им наложиме стоката да ја тргнат од тезгите зошто не се правни лица, велат организаторите на пазарите низ државава.

Наспроти нивното тврдење дека по 10 часот нема јајца и сирење на тезгите, вчера на пазарите имаше и суџук, чоколади, млеко во шишиња и во 13 часот.

Пазарџиите потврдуваат дека станува збор за нивно производство кое останува вишок, а покрај домати и краставици, често се случува да донесат и јајца и млеко.

Се што продавам е тазе берено, а млекото е од утрово. На крајот на краиштата, ништо не се јаде живо, се варат и млекото и јајцата, па не може да му се случи ништо на муштеријата коментираат пазарџиите.

За нив нема ништо спорно во целата ситуација. Велат дека крајната одлука е на купувачот и тој треба да одлучи дали ќе купува на пазар или во маркет.

Проблемот со разладните уреди по пазарите низ државата е стар и до лани сите организатори на пазарите имаа законска обврска да обезбедат посебни ладилници за да може стоката што тука се продава да биде соодветно чувана. Уредите се набавени, но не се користат. Дел од нив објаснуваатдека во некои пазари има и посебни простории во кои се продаваат млечни и месни производи, но и покрај тоа пазарџиите продаваат кај ќе стигнат.

Според законот, доколку организаторот на пазарот не набави разладни системи за продажба на производи од животинско потекло, следува минимална казна од 5.000 евра по пазар. Но досега ниту еден пазар не добил казна.

[custom_frame_center]Пазарските Фрижидери Испаруваат на 40 Степени[/custom_frame_center]

Превземено: Дневник

Датум на објавата: 08.08.2012

Автор: Валентина Ангеловска

By | 2012-08-08T10:42:48+00:00 08/08/2012|Маркети|