Совети При Купување Користени Возила

//Совети При Купување Користени Возила

Совети При Купување Користени Возила

Не е лесно да се дојде до добар користен автомобил, или немате доволно пари или немате избор според вашите желби. Кога се парите во прашање, се е јасно, или ги имате доволно или ги немате, но изборот на вистински автомобил е потешка и за многумина нерешлива загатка, вистински кошмар.

Тоа е така бидејќи во огромната понуда има неизмерно многу автомобили што под лакираната и блескава површина кријат ,,јадец” во вид на многубројни недостатоци и дефекти. Поради сето ова, купувањето користен автомобил, меѓу народот со право се нарекува купување мачка во вреќа.

Добро прегледајте ја каросеријата

Прво и основно на што треба да обрнете внимание е каросеријата. Таа е прва изложена на процена на „критичкото” око на купувачот, а воедно, од нејзината состојба многу зависи и квалитетот на возењето. Покрај јасно уочливите оштетувања на лимаријата, треба да обрнете внимание и на просторот меѓу вратите, хаубата и вратата од багажникот. Истото сторете го и со останатите делови од школката, бидејќи нееднаквите процепи меѓу вратите и каросеријата асоцираат дека возилото било хаварисано, а потоа добро испеглано, китувано и пребоено.

Појдете на канал или дигалка

Се препорачува, доколку сте во можност, возилото да го однесете на канал, бидејќи одоздола оштетувањата се забележуваат многу подобро одошто кога ќе се гледаат однадвор. Оштетувањата потешко се прикриваат одоздола одошто на површината на автомобилот.

Ако веќе сте го кренале на дигалка автомобилот, нема да ви биде проблем и да ѕирнете под тапацираниот под на багажникот и да се уверите дека истиот не е удрен одзади, бидејќи и тука ситуацијата е слична како и со долниот дел (подлогата) на автомобилот, многу полесно се регистрираат трагите од евентуалната деформација.

Внимавајте на заваруваните делови

Гледано однадвор, треба да поведете сметка и за постоење на евентуално заварени места, меѓу деловите на каросеријата, бидејќи во случај возилото да е ,,здраво” тие не треба да се забележителни. Каков и да е знак од заварен дел посочува на замена на истите. Доколку возилото во минатото претрпело посериозен удар, има голема веројатносг од ударот да испукале и стаклата, што преставува знак дека возилото било сериозно оштетено. Тоа се регистрира многу едноставно бидејќи оригиналните стаклени делови (прозорците и фаровите) имаат оригинални фабрички знаци на себе. Значи, ако обележувачките знаци на стаклата меѓусебно се разликуваат, станува јасно дека на возилото е направена интервенција на тие делови.

Нечистотијата прикрива оштетувања

И на крај, но не и помалку важен, е општо познатиот совет: „Не купувајте неизмиен, нечист автомобил” бидејќи многу веројатно е дека под напластената нечистотија и прав се кријат одредени недостатоци. Секако не треба многу да верувате ниту на светнатиот автомобил, бидејќи тешко дека може да се очекува (кај поголемиот број на користени возила) да бидат во така добра кондиција, се разбира ако не се од понов датум. Пореална ситуација е на нив да регистрирате по некој фелер, бидејќи тој ја дава реалната состојба на користениот автомобил.

[custom_frame_center]Совети При Купување Користени Возила[/custom_frame_center]

Превземено: Утрински Весник

Датум на објавата: 21.08.2012

Автор: Владимир Ристовиќ

By | 2012-08-21T02:52:19+00:00 21/08/2012|Автомобили|