Групацијата за пазари при Стопанската комора на Македонија ќе му предложи на Министерството за економија при носењето на новиот Закон за трговија на зелените пазари да се внесат искуствата од соседните земји, а да се изземат од обврската за регистрација на случајните продавачи кои само десетина дена ги продаваат своите сезонски вишоци на производи на зелените пазари.
За утврдување на состојбите на зелените пазари во околните земји како предуслов за креирање на законската рамка во Македонија, работна група од Групацијата за пазари при Стопанската комора кон крајот на јуни годинава ги посети зелените пазари во Белград, Суботица, Љубљана, Загреб и во Вараждин.
„При посетата, констатиравме дека никаде на пазарите не се издаваат фискални сметки и трговијата се одржува на традиционален начин со ценкање и оти се дава посебно значење на домашното производство за што се делат посебни сертификати и има посебни ознаки на тезгите. Најголем дел од пазарите се на атрактивни локации и се во сопственост на општините, иако има и приватни, но, без разлика, на сите пазари се решени инфраструктурните проблеми, особено начинот на одржување на хигиената, приодот и паркинзите”, вели претседателот на Групацијата, Благој Девитаров.
Тој посочи дека искуствата од посетата ќе се обидат да му ги пренесат на Министерството за економија на претстојниот состанок со цел да се донесе закон со кој ќе се осовременат зелените пазари во Македонија и ќе се решат проблемите на пазарџиите и на организаторите на пазарите, со што ќе се придонесе за намалување на сивата економија во земјава.
Љупчо Лазевски, раководителот на ЈКП „Дервен” од Велес, посочи дека при посетата на пазарите од регионот не сретнале диви продавачи, со исклучок на еден пазар во Белград. „Никаде во регионот околу пазарите нема диви продавачи и секаде тоа е регулирано со закон и со инспекции. Сметаме дека треба да се најде решение за дивите продавачи и во Македонија, а ги има околу 40 отсто. Мора да работиме на регулирање на тоа прашање и дел од овој проблем да го реши новиот Закон за зелените пазари. Секако дека не е можно овој проблем целосно да се искорени, но барем да се реши во прифатливи рамки”, рече Лазевски.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: Утрински Весник
Датум на објавата: 29.08.2012
Автор: Ек.Р.