Ракот на грлото на матката е водечка причина за смрт кај жените, од којшто на годишно ниво заболуваат над 290 жени, а умираат околу 47 жени.
Малигните заболувања, заедно со кардиоваскуларните болести се водечка причина за смрт во светски рамки и кај нас. Со цел, навремено откривање и соодветно лекување, Министерството за здравство презема континуирани активности за зголемување на свесноста кај населението за потребата од превентивни прегледи и здрави стилови на живеење.
Следејќи ги препораките на Светската здравствена организација и останатите меѓународни организации, Министерството за здравство од април годинава, почна со организиран скрининг за карцином на грло на матка, со кој е предвидено постепено, во тек на наредните 3 години да бидат опфатени сите жени во Македонија.
За оваа година со скринингот се опфатени жените на возраст од 24 до 35 години, како приоритетна група, предложена од здружение на гинеколози.
Во рамки на скринингот се врши бесплатен гинеколошки преглед со ПАП тест и бесплатни цитолошки анализи, со кои навремено се откриваат вирусни-бактериски инфекции или епителни клеточни абнормалности.
Навремената дијагностика и навремените мерки за лекување придонесуваат за рано откривање на предканцерозни и канцерозни промени на грлото на матката, а со тоа и спасување на животи. За таа цел, како пресек на оваа наша најавена активност, денеска сакам да ве информирам за резултатите од направените ПАП тестови, по региони и сумирани по наоди.
Од први април до први септември годинава, од страна на матичните гинеколози, на домашна адреса биле поканети околу 21.000 жени, од кои на превентивен гинеколошки преглед се јавиле 9.000 жени, што е над европски просек.
Благодарение на медиумската кампања и континуираните апели и повици, преку вас медиумите, освен писмено поканетите жени, на гинеколошки преглед се јавиле и поголем број жени, кои не добиле покана, но се во предвидената со скрининг возрасна група (од 24 до 35 години).
Значи, генерално, од почетокот на годината, досега, прегледани се и направени 24.000 цитолошки брисеви (тука влегуваат прегледи на жени повикани од матичниот гинеколог со покана, по телефон или самоиницијативно направиле преглед и се во предвидената возрасна група, како и жени кои се прегледани пред почетокот на скринингот од јануари до март годинава).
Брисевите се анализирани во сите овластени цитолошки лаборатории кои имаат договор со ФЗОМ.
Инаку, генерално, гледано по региони, најмногу ПАП тестови (една третина) има во Скопскиот регион – 8.311, каде е и очекувано според бројот на жени и гинеколошки ординации.
На второ место е Источниот регион (Берово, Виница, Делчево, Кочани, Штип, Пехчево, Пробиштип и сл)– 2.977 прегледи.
Пелагонски регион (Битола, Демир Хисар, Крушево, Прилеп, Ресен)– 2.609 прегледи.
Во Југозападниот регион (Дебар, Кичево, Македонски Брод, охрид, Струга, вевчани и сл) – прегледани се 2.000 жени
Во Полошкиот регион (Тетово, Госивар) – биле прегледани 824 жени и т.н.
Значи од вкупниот број прегледани жени 86 отсто од цитолошките брисеви се со негативни наоди, додека 14 отсто од брисевите се со позитивен наод (околу 3 илјади жени).
Од вкупниот број позитивни случаи, 35 отсто биле со ХПВ инфекција (1.178 жени), останатите 65 отсто се со ЦИН 1, ЦИН 2 (1.362 жени) и ЦИН 3 (41 жена), како и со други абнормалности. За сите жени со позитивни резултати се преземени мерки за дополнителни лекување.
Исто така, кај двајца пациенти од Југоисточниот регион бил откриен рак на грло на матка во почетна фаза и тие веднаш се упатени на понатамошно лекување.
За оваа возрасна група, скринингот продолжува до крајот на годината, во следните две години со скрининг ќе се опфатат и останатите возрасни групи на жени.
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Превземено: www.netpress.com.mk
Датум на објавата: 18.10.2012
Автор: Нетпрес