Честите контроли најсилен сојузник во борбата со дијабетесот

//Честите контроли најсилен сојузник во борбата со дијабетесот

Честите контроли најсилен сојузник во борбата со дијабетесот

Дијабетесот е здравствена состојба која не може да се излекува, но со неа може да се води целосно нормален живот доколку често се вршат прегледи и се консултираат лекарите, порачаа од Сојузот на здруженијата на дијабетичарите (СЗДМ) на денешното одбележување на светскиот ден на оваа болест. Продолжувајќи ја минатогодишната успешна акција “За здравје се потребни двајца”, оваа асоцијација од 24 октомври до 8 ноември спроведе ново истражување на репрезентативен примерок од 1.509 лица со дијабетес во Република Македонија.

Како што изјави претседателот на СЗДМ, примариус д-р Аврам Ванковски, институционалните и индивидуалните фактори што влијаат врз состојбата на овие лица се подобруваат, но тие и понатаму се под посакуваното ниво. Ова најмногу се однесува на фреквентноста со која што дијабетичарите одат на прегледи, а особено на тој што открива колкав е тримесечниот просек ( гликозилираниот хемоглобин) во крвта.

– Овој тест е еден од најпрецизните и најсовремените и се препорачува да се прави на секои три месеци, што би значело четирипати годишно. Меѓутоа, од истражувањето констатиравме дека овој совет го почитуваат одвај десет проценти од пациентите, а една четвртина ниту еднаш во годината не направиле вакво испитување. Тоа мора да се промени затоа што, најпросто кажано, честите контроли се најсилен сојузник во борбата со дијабетесот – истакна д-р Ванковски.

Претседателот на Сојузот на здруженијата на дијабетичарите, исто така, ја подвлече и важноста од правењето и на останатите прегледи.

– Според последните проценки на Meѓународната федерација за дијабетес, во Македонија има околу 135.000 лица со дијабетес, а како што се потврди од нашето последно испитување, околу половината од дијабетичарите во Македонија воопшто не прават испитувања на срце, крвни садови, стапала, бубрези и на очно дно кои би им укажале на можните компликации од болеста. Во споредба со претходната анкета, што ја спроведовме во минатата година, се забележува извесно подобрување, но е очигледно дека свеста за редовните контроли сè уште не е на посакуваното ниво – рече д-р Ванковски.

Со желба да помогнат токму во зголемувањето на интересот за состојбата на лицата со оваа болест и да ја пренесат пораката дека прегледите се исклучително важни, повеќе јавни личности го мереа нивото на шеќер во крвта во Центарот за дијабетес при клиничкиот центар “Мајка Тереза” во Скопје.

– Неблагодарно е да се прави споредба бидејќи, сепак, се работи за болест, но јас би направил паралела меѓу глумата и дијабетесот. Талентот во уметноста е важен, меѓутоа, посветеноста, напорната работа и конкретно во однос на театарот, одењето на проби, носи резултати. Потполно истото би можело да се каже и за дијабетесот зашто со редовните контроли, оваа здравствена состојба не предизвикува никакви пречки во реализацијата на идеите, плановите и соништата во секојдневниот живот – изјави актерот Сашко Коцев.

Освен главниот машки глумец во актуелниот македонски филмски хит “Трето полувреме”, акцијата ја поддржаа и Ребека, Гораст Цветковски, Ирена Спировска, Александар Белов, Александра Пилева и Верица Пандиловска.

Податоците од новото истражување на СЗДМ истакнуваат и дека меѓу пациентите доминира мислењето оти мерењето на нивото на шеќер во крвта кога се гладни е доволно. Како што нагласуваат од Сојузот, тоа е недоволно, бидејќи неретко компликациите се предизвикани од зголемени вредности на шеќерот по јадење. Анкетата меѓу лицата со дијабетес откри дека и покрај централизираната набавка на инсулин, сепак, 15 проценти од нив се соочуваат со недостиг. Пет отсто од нив повеќе од пет дена биле без овој лек, што во одредени случаи, може да ги чини и животот. И покрај тоа, мнозинството од испитаниците, три четвртини, се задоволни од грижата што ја добиваат во центрите за дијабетес низ земјава.

 

Датум на објава: 13.11.2012

By | 2012-11-13T15:29:06+00:00 13/11/2012|Здравство|