Владата нема поставено психолошка граница која треба да ја помине цената на бензините за да реагира со конкретни мерки. Таа ќе интервенира тогаш кога ќе оцени дека тоа е потребно, изјави вицепремиерот за економски прашања, Владмир Пешевски, одговарајќи на новинарско прашање.
Според него, ова прашање се анализира многу сериозно. Но, нашата земја не постапува како другите во регионот кои веќе одредија таква психолшка граница.
– Владата нема волшебно стапче да ја смени цената на нафтата на светскиот пазар. Тој тренд е таков каков што е. Сe додека е растечки, цената на бензинот генерално ќе се зголемува – рече Пешевски.
Хрватската влада веќе најави дека ќе ги намали акцизите за горивата кога цената на бензините ќе достигне 12 куни, односно околу 1,6 евра. Пешевски вели дека Македонија нема да го следи таквиот пример бидејќи Хрватска во меѓувреме ги зголеми даноците.
– Кај нив беше сигурно дека ќе се зголеми ДДВ, а можеби ќе се намали цената на бензинот. Кај нас е обратно. Сигурно нема да се зголеми ДДВ, но можеби ќе има корекција во делот на давачките кон државата – рече Пешевски. (Д.Т.В.)
[custom_frame_center]
[/custom_frame_center]
Извор: www.dnevnik.com.mk
Датум на Објава: 12.04.2012